Од денеска повторно евтина дневна тарифа на струјата – од 13 до 15 часот
Од денеска во 13 часот стрелките на 170 илјади дигитални броила светнаа на Т2. Домаќинствата кои имаат од овие струјомери ќе може самите да проверат дали им вртат по евтина тарифа.На екранот најлево долу стрелката вообичаено свети над Т1, што значи дека броилото врти по висока тарифа, а точно во 13 часот па се до 15, стрелката треба да свети над Т2, што значи дека во тоа време броилото ги пресметува потрошените киловати по ниска тарифа.
Но, токму во тој период до нашата редакција стигнаа голем број поплаки од граѓани, дека не забележале промени во броилата. Од ЕВН објаснуваат дека од останатите 650 илјади струјомери иако се дигитални, не се со далечинско управување и немаат можност да се подесат компјутерски од далечина, па екипите рачно ќе ги менуваат. Сепак нема објаснување како граѓаните ќе може да ги разликуваат струјомерите.
Премиерот Ковачевски оцени дека со дневната евтина тарифа домаќинствата ќе заштедат месечно по илјада денари, а упати и апел до ЕВН што поскоро да ги подесат и останатите броила.
„ Апел побрзо, верувамн дека има знаење и стручност, докажаа дека може да се носат со предизвици….“ Димитар Ковачевски, претседател на Влада.
Во меѓувреме се крои и новата цена на струјата која домаќинствата ќе ја плаќаат од 1ви јануари. Вчера на тенедерот на ЕВН Хоме, ЕСМ понуди за 7,5% повисока цена, односно 57 евра за мегават час, но и само 95% од вкупно побараните количини, односно 5% ЕВН ќе ги набавува од други производители, но премиерот Ковачевски уверува дека нема да има ценовен шок за граѓаните.
„Не зависи само од есм, а крајна цена кажува рке. Не очекувам зголемување особено за 90 посто од граѓни во 1 и 2 блок, кој трошат нормално. Финално би произлегло не очекувам зголемување, но финален збор го има рке.“ Димитар Ковачевски, претседател на Влада.
Од РКЕ велат дека од сите 5 параметри врз основа на кој се формира крајната цена, досега познати се само два. Цената по која ЕСМ ќе ја продава произведената струја, од која и најмногу зависи какви ќе бидат сметките, како и цената која Електродистрибуција ќе ги набавува загубите. Своите пресметки ги доставиле и од операторот МЕМО, а се чека уште на МЕПСО.
