МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Ново мнозинство или техничка влада до предвремени избори?!

Зајакнато парламентарно мнозинство, ново мнозинство на опозицијата или пат позиција во односот на силите во Собранието, се трите можни исходи од лавината информации на кои деновиве сме сведоци во трката за обезбедување нов мандат за формирање на Влада. Но, секако првин претседателот на Владата Зоран Заев треба да ја поднесе оставката во Собранието. Од неговиот кабинет информираа дека нема да има одолговлекување со оставката до декември, како што се шпекулираше во медиумите, но денеска до затворањето на весникот оставката на премиерот и лидер на СДСМ, Заев, не беше доставена ниту во партијата.

Во поглед на шансите за формирање на мнозинство, аналитичарите сметаат дека нема да има драматични промени и дека тенкото мнозинство и понатаму ќе биде најголем проблем за опстојувањето на новоформираната Влада и носењето на одлуки во наредниот период. Според аналитичарот Владимир Божиновски, во оваа ситуација според распоредот на пратеници во Парламентот генерално единствен излез кој би гарантирал некаква стабилност на власта, особено при носење на некои позначајни одлуки се избори.

„Ние имавме најави и од едната и од другата страна за зголемување на мнозинството, односно ново мнозинство, но сепак дури и да се случи тоа мислам дека изборите се неизбежни. Затоа што дел од овој пораз на власта, освен на градоначалниците, е и неможноста да ја турка агендата што ја има токму поради многу тенкото мнозинство. Затоа што многу тешко е да владеете ако поддршката во Парламентот ви е неизвесна“, изјави за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Божиновски.

Според него дури и да се зголеми мнозинството ќе има дополнителен играч во таа власт, при што повеќе време ќе се троши на новите меѓукоалициски договори отколку што ќе се посвети на владеење на државата.

„Ако се случи другото, значи ново мнозинство и тоа ќе биде многу тенко, во секој случај, така што и тука повторно се појавува нестабилност“, заклучува Божиновски, додавајќи дека би било најдобро да биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори најдоцна септември-октомври идната година.

И аналитичарот Алберт Муслиу смета дека предвремени избори би ги стабилизирале работите.

„Сите навлегоа во изборен филм и ги исклучија работите што следуваат во следниот период. Ние сме пред портите на ЕУ и можевме да влеземе во декември. И на Заев и на СДСМ би им одговарало да одат на предвремени избори и да ги стабилизираат работите“, смета Муслиу.

На власта и на опозицијата им одговараат избори, откако ќе се види каква е ситуацијата со ЕУ, смета аналитичарот Петар Арсовски.

„Брзи избори значат помала загуба. Парадоксално, и на власта и на опозицијата им одговараат избори, само што треба да се почека што ќе се случува со ЕУ во следните месеци, вели Арсовски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска побара брзи предвремени парламентарни избори. На координативната средба со премиерот, во понеделникот, претставници на сите политички партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство изразија поддршка на Владата, потврдувајќи дека парламентарното мнозинство е стабилно и заеднички заклучија дека не се потребни предвремени парламентарни избори.

За лидерот на Беса и новоизбран градоначалник на Тетово, Биљал Касами, Владата има мандат и треба да продолжи со исполнување на клучниот приоритет – интеграција во ЕУ, но смета дека е потребна реконструкција.

„Треба да има промени. Не сме сигурни дали ќе гласаме за сите министри на ДУИ“, рече Касами.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, смета дека се потребни промени во начинот на владеење, додавајќи дека не е толку важно името на новиот премиер, туку како таа ќе продолжи со новата политика.

„Имаме уште 2,5 години. Ако ова парламентарно мнозинство има искрени намери да ги промениме работите, тогаш граѓаните тоа ќе го видат, но ако продолжиме на овој начин, дури и порано ќе има промена на Владата“, рече Милевски.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial