Џонсон: Наскоро план за ублажување на мерките, но нема да ризикуваме
Британската влада во следните неколку денови ќе објави план за олеснување на рестриктивните мерки, рече денес премиерот Борис Џонсон во својата прва изјава по враќањето во Даунинг стрит откако се опорави од ковид-19, но предупреди дека ризикот е сè уште голем и нема да ризикува втор бран на вирусот.
Џонсон изјави дека нема да ја отфрли жртвата на британскиот народ со пребрзо ублажување на рестриктивните мерки воведени со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот, пренесува Би-би-си.
„Знам дека е тешко. Сакам да ја придвижам економијата што е можно побрзо“, рече тој.
„Но, одбивам да ја отфрлам жртвата на британскиот народ… и да ризикувам втор скок“.
Борис Џонсон предупреди дека Велика Британија се наоѓа во точка на максимален ризик во поглед на коронавирусот.
Тој му се заблагодари на народот на оваа земја што се придржуваше кон рестриктивните мерки и за „сите што се вклучија“.
„Знам дека овој вирус секој ден носи нова тага“, рече тој.
Сè уште е точно дека ова е најголемиот предизвик со кој оваа земја се соочува уште од времето на (Втора светска) војната“.
„Исто така е точно дека постигнуваме напредок“, истакна тој.
Џонсон, кој беше на интензивна нега во болница откако се зарази со коронавирус, рече дека Велика Британија доаѓа „до крајот на првата фаза од овој конфликт“.
„Исто така, треба да го препознаеме ризикот од втор скок, ризикот да изгубиме контрола над вирусот и да дозволиме стапката на ширење на вирусот да се издигне повторно над еден, што не само што ќе значи нов бран на смртни случаи и болести, туку и економска катастрофа“.
Владата сè уште не може да каже како ќе се применуваат променетите рестриктивни мерки или колку брзо, рече премиерот.
„Сега не можеме да прецизираме колку брзо или бавно или дури и кога ќе бидат направени овие промени“.
„Владата за ова ќе зборува повеќе во наредните денови“, додаде тој.
„Овие одлуки ќе бидат донесени со максимална можна транспарентност“, истакна Џонсон.
Џонсон се врати на работа во понеделник под голем притисок да претстави стратегија за излез од карантин и да одговори на прашањата во врска со многу малиот број на тестирања во Велика Британија.