Утре комесарот Вархеи во посета на Македонија

Комесарот за соседство и проширување на Еевропкста Комисија Оливер Вархеи утре ќе ја посети Македонија по повод пристигнувањето на првите ковид-19 вакцини споделени и финансирани од ЕУ.
Вархеи во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев и ќе го посети центарот за вакцинација во арената „Борис Трајковски’’, заедно со австриската министерка за ЕУ Каролине Едштадлер.
Како што објавија Европската Комисија и Австрија на 20 април, вкупно 651.000 дози на Бионтек/Фајзер ќе му бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Македонија. Овие вакцини ќе помогнат да се забрза кампањата за вакцинација против ковид-19 и да се осигура дека најизложените медицински работници и дел од најранливите групи се имунизирани.
Вархеи по овој повод изјави: „Патувам за Западен Балкан за да испратам јасна порака: Ние се грижиме. Се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и за најранливите лица. Испораката на вакцините ја потврдува нашата постојана заложба да обезбедуваме поддршка, како што тоа го правиме од почетокот на пандемијата. Заедно сме посилни!“
Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој Комисијата го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан. Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини финансирани од ЕУ преку правни договори со производителот и со секој партнер од Западен Балкан.
ЕУ покажува солидарност и грижа во однос на земјите од Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. За Македонија, ЕУ обезбеди околу 230 милиони евра за итни медицински набавки и како поддршка во ублажувањето на социо-економските последици од пандемијата.