Точете пред полноќ: Поскапуваат бензините и дизелот
Поскапуваат бензините од ноќеска на полноќ, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Со денешната одлука малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1 денар за литар, додека малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,020 денари за килограм
По полноќ моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе чини 60,5 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 62,5 денари за литар. Дизел гориво ќе чини 53 денари, а масло за горење Екстра лесно 53 денари за литар. Цената на Мазут М-1 НС ќе биде 28,501 денари за килограм.
„Одлуката за зголемување на нафтените деривати е резултат на растот на берзанските цени на суровата нафта и нафтените продукти. Растот на светските берзи на референтните цени на суровата нафта и нафтените деривати се должи поради неколку фактори и тоа: оптимизмот што ја предизвика информацијата за почеток на масовно вакцинирање, враќањето во нормала на индустрискиот сектор во Европа, што пак предизвикува зголемување на побарувачката, а од друга страна го имаме третиот фактор а тоа е недефинираната идна стратегија за производство кај земјите на ОПЕК и коалицијата, што резултира со намалување на залихите од сурова нафта од почетокот на пандемијата, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.