Средби меѓу лидерите по собраниската седница
Со конститутивната седница на Собранието, политичките лидери официјално ги започнуваат преговорите за ново мнозинство. Официјална средба ќе се одржи утре меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДПА, Мендух Тачи. Социјалдемократите не споделуваат детали за тоа дали нивниот лидер има други состаноци во неговата агенда. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за вторник нема состаноци со политички лидери. Иако по средбата со лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, најави средби со лидерите на коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, ниту една партија не потврди дали одговориле на поканите за средба во рамки на конституирање на Собранието. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека немаат информации за некоја средба на нивниот лидер Христијан Мицкоски со некој од лидерите на политичките партии претставени во Собранието. Мицкоски пред неколку дена најави дека по конституирањето ќе ги започне состаноците на ниво на лидери, што според него ќе се одржат во Собранието. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива досега не соопшти за средби за обезбедување парламентарно мнозинство. Според нив, ќе се даде простор на ДУИ да го исполни единственото ветување за премиер Албанец, за што тие изразија подготвеност да го поддржат со гласови во Собранието. Од утре тече рокот од 10 дена во кој според Уставот претседателот мора да му го довери мандатот на лидерот или на партијата што ќе обезбеди мнозинството во Собранието. Во овој период се очекува засилување на разговорите меѓу лидерите и формирање на преговарачки групи. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, еден ден по изборите рече дека неговата партија ќе се обиде да обезбеди мнозинство без ДУИ, за да нема условени преговарања. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, паралелно ќе води преговори за обезбедување мнозинство, додека лидерот на ДУИ Ахмети ќе се обиде да го обедини албанскиот политички блок за функцијата премиер. Во случај разговорите да продолжат според роковите, се очекува мандатот да се довери на 14 август, додека гласањето на новата Влада може да се одржи во последната недела од август.