Смртен случај во Швајцарија по примена вакцина
Лице во старски дом во Луцерн починало по вакцинирањето. Во тек е испитување дали смртта е последица на претходни заболувања.
Едно лице починало во Швајцарија по примена вакцина против коронавирус. Портпаролка на одделот за здравство во кантонот Луцерн потврди дека на институцијата случајот ѝе познат и соодветна информација е испратена и до Швајцарскиот институт за лекови, Свисмедик, кој е надлежен за одобренија на вакцини. Во изјавата за новинската агенција Ројтерс портпаролката не наведува други детали, но весникот Луцернер цајтунг извести дека службата во меѓувреме издала соопштение според кое починатото лице е станар во старски дом во Луцерн.
Лукас Јаги, портпарол на Свисмедик, објасни дека е во тек испитување дали смртниот случај вистински е поврзан со вакцинирањето против Ковид-19. Се разјаснуваат сите околности, како претходни заболувања или користени лекови кај починатото лице. Станува збор за стандардна постапка со која Свисмедик ги проверува информациите за можни придружни дејства и разјаснување дали дадениот лек или вакцина е нивен фактички причинител.
Досега во Швајцарија единствено се применува вакцината на Бионтек/Фајзер, за чие одобрение Свисмедик на 19 декември напиша дека најчестите документирани несакани дејства согласно со студиите за одобрение се споредливи со оние кои настапуваат при вакцинирање против грип. Свисмедик истакнува дека врши внимателно набљудување на безбедноста на серумот и ќе реагира доколку настапат сигнали за несигурност.