Случај „Рекет“ од почеток до крај

Со денешните завршни зборови на одбраната, привршува медиумското шоу за еден од најголемите судски предмети „Рекет“ во кој е обвинета сега веќе поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и телевизискиот шоумен и неформален сопственик на ТВ1 Бојан Јовановски, познат како Боки 13.
Поранешната обвинителка Јанева која во 2015 година доби задача да се справи со криминалот меѓу функционерите, стана обвинета за тоа за кое требаше да ги гони нив -корупција и злоупотреба на службена должност. Таа, по 16 години обвинителска кариера, телохранителите ги замени за полициски службеници кои ја спроведуваат од куќен притвор до Основниот суд Скопје 1. Јанева според обвинението, ја злоупотребила својата службена положба и за 50 илјади евра и подароци од осомничени во истраги кои ги водеше Специјалното обвинителство, со цел да ја олесни нивната положба во истрагите. Јовановски, пак, е обвинет за трговија со влијание.
Бизнисменот Орце (Јордан ) Камчев нудел поткуп или второбвинетата Јанева и првообвинетиот Јовановски преку сега осудениот Зоран Милевски Кичеец барале мито од милион ипол евра за да ја му ја олеснат положбата на осомничениот Камчев во истрагата на специјалното обвинителство „Империја“ се паралелните приказни кои во судницата ги понудија обвинителството и обвинетите во предметот „Рекет“.
Корупцискиот скандал кој го поткопа кредибилитетот на сега веќе поранешното Специјално јавно обвинителство и надежта на демонстрантите кои со месеци беа дел од Шарената револуција и протестите ги почнуваа токму пред портите на СЈО во очекување „Чарлиевите ангели“ да донесат правда, стигна до самиот крај. По речиси 40 судски рочишта од високопрофилниот судски процес познат во јавноста како „Рекет“ во кој се обвинети шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јованоски познат како Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, денеска се одржува последното рочиште. Дали обвинетите во завршните зборови кои треба да ги дадат денеска ќе поентираат или пак обвинителката Вилма Русковска во ќе го добие овој судски процес ќе одреди наскоро судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Максевска.
Камчев во истрагата на сега веќе поранешното СЈО „Империја“ е првоосомничен за перење на 10 милиони евра и злосторничко здружување со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неколкумина други бизнисмени.
Истрагата за „Империја“ е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност, измами и перење пари. Камчев во ноември 2018 година беше приведен, но по неколку месеци беше пуштен во домашен притвор, а потоа му беше доделен и привремен пасош. Овој предмет произлезе од нелегално прислушуваните телефонски разговорипоради кои се формираше и Специјалното обвинителство.
„Од изложената одбрана дознаваме дека обвинетата Јанева сѐ уште е во филмот на Чарлиевите Ангели. Но, вистинскиот филм е борбата на доброто против злото. Мислев дека сум во еден лош сон. Износите на пари кои беа барани, не можеме ни да ги замислиме на сон, а не на јаве“, рече Русковска по едно од судските рочишта.
Камчев и неговата сопруга Ана Камчева во судот тврдеа дека Боки 13 преку Зоран Милески – Кичеец барале пари од нив во замена за олабавување на притворските мерки како и за олеснување на положбата во истрагата.
„Бев жртва на директен притисок од конструиран и смислен случај од Јовановски, реализиран преку Стефанова, а по наредба на Јанева. Трио кое функционираше за од мене да извлече пари“, рече Камчев.