Сите посакуваат компромис, но се држат до ставовите
Се` поизвесна е можноста, партиските лидери во следните неколку дена да постигнат компромис за избори. Се очекува нова лидерска средба најдоцна до сабота, кога завршува и вонредната состојба, на која повторно ќе се разгледуваат можните датуми за изборно соочување. Од двете најголеми партии стигнуваат сигнали дека се подготвени за компромис, иако се држат до ставовите. ВМРО ДПМНЕ се надеваат на договор иако не ја исклучуваат можноста и за бојкот, доколку Заев инсистира на избори на 21 јуни.
Избори во јуни, според него, не може да има и затоа што тоа би било кршење на Изборниот законик. Објаснува дека, по завршувањето на вонредната состојба, изборните дејства треба да продолжат, но претседателот на Собранието треба да направи ново решение или да го измени постоечкото и да го определи датумот кога ќе се одржат новите избори. Врз основа на тој датум треба да се извести ДИК, за да се изготви нов роковник, не пократок од 35 дена.
Од владејачката СДСМ, пак, инсистираат на термин во јуни, а веќе ги почнаа и подготовките. Носителите на листи во неколку изборни единици истовремено имаа координативни средби со своите регионални штабови, иако Заев вчера повтори дека посакуваат договор со опозицијата.
Претседателот Пендаровски чека партиите да ги проближат ставовите, за да ја закаже лидерската средба. Тој веќе двапати им беше домаќин на лидерите, но договор не беше постигнат.