Се отворија градинките во општина Кисела Вода

Поради заштита од пандемијата КОВИД 19, со Одлука на Владата, Јавните детски градинки низ целата држава беа затворени на 11.03.2020 год. По шест месечна пауза, денес градинките во општина Кисела Вода се целосно подготвени по сите протоколи и ги отворија повторно вратите за најмалите сограѓани.

Приемот и целокупниот процес на згрижување на децата од предшколска возраст се одвива со целосно почитување на здравствените протоколи, со утрински распоред на прием по групи, одржување на дистанца, како од страна на родителите, и децата, така и од страна на вработените.

Се вршеше мерење на телесната температура на персоналот и на децата кои се згрижуваат со бесконтактен термометар, а првата активност која се спроведе со најмалите беше запознавање со начинот на функционирање, здравствените протоколи и одржувањето на личната хигиена во услови на Корона криза.

Во текот на изминатите денови, вработените во градинките извршија целосно генерално чистење на објектите, на целата опрема и инвентарот во занималните, кујната, магацините, пералните, собите за изолација, административните и други простории во објектите, како и целосна дезинфекција на сите објекти.


Обезбедени се и доволни средства за одржување на општата и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот.

Истовремено, во двете градинки е обезбедено и доволно лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените, а во следниот период општина Кисела Вода ќе обезбеди и донација во вид на заштитни визири за целиот персонал во јавните детски градинки.