Седум години затвор за Катица Јанева, девет за Боки 13! Изречени пресудите за „Рекет“

Боки 13 осуден на девет, а Катица Јанева на седум години затвор. По шест и пол месеци судење, „Рекет“ доби разрешница. Судијката Васка Николовска – Масевска рече дека знаела оти ќе има тешка задача кога дознала дека ќе им суди на Боки и на поранешната шефица на СЈО.
„Веста дека овој предмет ми беше мене доделен да го судам, токму мене, ја примив со голема тежина, бидејќи пред мене на обвинителна клупа се наоѓаше до вчерашната колешка, човек кој сам по себе беше институцијата Специјален обвинител“, рече Васка Николовска – Масевска, Судија.
Катица Јанева не беше во судница лично да ја слушне пресудата, поради семејни и здравствени причини. Боки пак, смета дека е политички осуден.
„Овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија. Донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, а не кај Бојан Јовановски…“, рече Бојан Јовановски, Осуден во „Рекет“.
Обвинителката за организиран криминал, Вилма Русковска задоволна е што Боки и Катица се осудени. Не е задоволна од висината на затворската казна за Боки 13. Ќе се жали до Апелација, но тврди дека знае во чиј џеб завршиле парите.
„Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и кај Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување…“, рече Вилма Русковска, Обвинител.
Адвокатите на Боки и Катица, сметаат дека судот донел драконски пресуди без обвинителството да утврди каде завршила торбата Луј Витон полна со 1.5 милиони евра. Најавија жалби.
„…Ние од почетокот на овој судски процес знаевме дека ќе биде ваква брутална казна и оваа пресуда најмалку се заснова на докази“, реагираше Сашко Дуковски, адвокат на Боки 13.
„…Ние сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството“, додаде Ирена Фрчковска, адвокат на Катица Јанева.
На Боки 13 ќе му биде заплената скапата брендирана облека, уметнички слики и мебел, а на Јанева ќе ѝ бидат конфискувани 50 илјади евра за кои обвинителството тврди дека се од рекетот. Ако нема пари на банкарските сметки, тогаш ќе ѝ бидат земени лични предмети или недвижнини. Изрекувањето на пресудата во судница лично ја слушаше Ана Камчева, сопруга на Орце Камчев кој го пријави рекетот од Боки 13 и Јанева.