Русија испратила повеќе од 100.000 војници на украинската граница

Повеќе од 100.000 руски војници се распоредени долж украинската граница и во анектираниот Крим, соопшти кабинетот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, откако европските министри за надворешни работи беа информирани од украинскиот министер за надворешни работи, пренесе Ројтерс.
Борел вчера на прес-конференција зборуваше за повеќе од 150.000 војници, одбивајќи да го открие изворот за таа бројка. Неговата канцеларија последователно издаде исправка без да дава дополнително објаснување за новиот, помал број, од над 100.000 војници.
Борел рече дека засега не се планираат нови економски санкции или протерување на руски дипломати, и покрај тоа што воените трупи на границата со Украина се најголеми досега.
Во Вашингтон, Пентагон соопшти дека зголемувањето на руската војска е поголемо од тоа во 2014 година, а не е јасно дали е со цел за обука.
Американски официјален претставник, кој зборуваше за Ројтерс под услов да не се открива неговиот идентитет, рече дека Русија распоредила десетици илјади војници, но не му е позанто дека постојат податоци кои велат за повеќе од 150.000 војници.