„Рекет“- обвинителството заврши со презентирање докази, на ред е одбраната
Со денешното пуштање на снимките од УСБ-то на осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски заврши презентирањето на доказите од страна на обвинителството. Јавноста беше исклучена од рочиштето откако судијката Васка Николовска-Масевска го прифати таквото барање на обвинителката Вилма Русковска поради тоа што на снимките се споменувале имиња на лица кои не се вклучени во случајот, па нивниот углед би можело да се повреди.
И минатата недела, кога исто така се презентираа снимки од УСБ-то на Милевски по барање на Русковска јавноста беше исклучена поради тоа што разговорите меѓу првообвинетиот Бојан Јовановски- Боки 13 и Милевски биле „сензитивни“.
И тогаш и сега реагираа обвинетите Јовановски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нивните адвокати бидејќи сметаат дека во снимките нема спорни работи, а јавноста требало да ги чуе. Досега во доказната постапка обвинителството повика сведоци, пушти снимки од Милевски, од телефоните на обвинетите, од посебни истражни мерки.
Од четврток одбраната ќе почне со повикување свои докази. Во случајот обвинети се Јанева и Јовановски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски е веќе осуден натри години затвор откако призна вина