МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Програмерите се најплатени со 68.000, фармацевтите се втори со 22.000 помалку

Компјутерските програмери одамна се најплатени работници во државата, но на крајот на минатата година на сите останати со добри, далеку натпросечни плати им станаа недостижна цел.

Според Државниот завод за статистика во декември лани во компјутерското програмирање просечната плата е зголемена за околу 12,5 проценти и достигна за наши услови фантастични 68.255 денари. Просечната бруто плата на вработените во оваа дејност, пак, изнесува околу 104.000 денари. И покрај тоа што компаниите од таа област вртат големи пари и влегоа во групата на најголеми нето извозници, па ги делат и најголемите плати со кои во нашата држава солидно да се живее, кадарот што го вработуваат е меѓу оние кои најмногу бегаат во странство, зашто таму се барани, а платите се далеку повисоки. За да ги задржат и убаво да ги обучат за конкретната работа што треба да ја вршат, сопствениците на компаниите бараат субвенции од државата, нешто како оние за земјоделците.

Втори според висината на платите се вработените во фармацевтската индустрија со 46.111 денари. Со тоа разликата меѓу највисоката плата е над 22 илјади денари, што е еднакво на една ипол минимална плата која е загарантирана со закон во нашата држава. Банкарите, кои со години беа на тронот, сега се на третото место со 44.377 денари. Четврти се вработените во телекомуникациите со 42.734 денари, а петорката со најголеми примања се заокружува со воздухопловниот транспорт каде во декември е поделена просечна плата од 42.029 денари. Плата над 40 илјади денари има уште во осигурувањето и складирањето.

Државниот завод за статистика објави дека во декември просечната исплатена нето плата по работник во државата изнесувала 26.836 денари, што во однос на месецот пред тоа е зголемување од четири проценти. Во просек, низ целата 2019 година на вработените во државата им се исплатувале по 25.213 денари, што е исто така за околу четири отсто над просекот за 2018 година. Според податоците што ги објавија статистичарите, во поголемиот број дејности, или вкупно во 46 во декември се поделени помали плати од просечната на ниво на држава.

Традиционално, најслабо платените работници се во оние во заштитните дејности, рибарството, кожарската индустрија, преработката на дрво. Во заштитните дејности просечната исплатена плата за декември е најмала и изнесува 16.208 денари, што значи дека дел од вработените добиле и помалку. Плати помали од 20 илјади денари исплатени се уште во фирмите кои одржуваат згради -16.890 денари, во угостителството 18.325 денари, во производството на мебел – нешто над 19.000 денари, во преработката на дрво – 19.695 денари, производството на кожа – 16.424 денари, производството на облека – 17.816 денари и во рибарството и аквакултурата – 16.844 денари.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial