Поскапуваат горивата
Економија
Поскапуваат горивата
Објавено пред 27 минути – 11 мај, 2020
ОдМакфакс
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат 3,5 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Од вечерва на полноќ малопродажните цени на „евросупер БС-95“, „евросупер БС-98“ и „евродизел“ (Д-Е V) се зголемуваат 3,5 денари за литар и ќе изнесуваат 54 денари за „евросупер БС-95“ и 56 денари за „евросупер БС-98“.
Малопродажната цена на дизелот ќе изнесува 45,5 денари за литар, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува 2,5 денара за литар и ќе изнесува 33,5 денари.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 2,026 денара и килограм ќе изнесува 18,169 денари.
„Минатата недела на светскиот пазар беше регистрирано зголемувањето на референтните цени на сите нафтени деривати, а некои од нив пораснаа приближно и до 50 отсто. Пазарот реагира на намаленото производство како резултат на одлуката од последниот состанок на ОПЕК, на кој се заклучи да се ограничи производството на сурова нафта, со што практично се прави обид да се почне со урамнотежување на понудата и побарувачката на пазарот со сурова нафта. Иако пазарот реагира на намаленото производство, сè уште цените на нафтените деривати во овој момент се под нивото на цените на нафтените деривати што ги имавме минатата година“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Минатата недела на светските берзи најголемо зголемување имаше на цената на бензинот, и тоа во просек за речиси 47,58 отсто, а кај дизелот зголемувањето е во просек за речиси 41,13 отсто.
Цената на екстра-лесното масло порасна во просек за речиси 38,69 отсто, а кај мазутот се регистрира зголемување во просек за речиси 24,73 отсто.
Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот бележи незначителен пад од 0,025 отсто.