Политичко и експертско разногласие за учебната 2020/2021
Протоколот за отпочнување на учебната година, кој е изработен од Бирото за развој, се уште се нема најдено на дневен ред на состаноците на Комисијата за заразни болести, од каде се чека конечниот збор за тоа дали, кога и како ќе започне наставата.
Директорот на детската клиника – Козле, д-р Ангелчо Андоновски, за Канал5 вели дека повеќето од членовите во Комисијата веќе изградиле став по прашањето ќе останат ли празни училишните клупи. Андоновски, од своја страна, предлага претстојното полугодие да се жртвува и воопшто да не отворат вратите на училиштата, бидејќи, како што вели, најголемиот дел не ги исполнуваат неопходните услови кои произлегуваат од здравствените протоколи за време на епидемијата. Тој додаде дека настава во училници не би требало да има ниту за најмалите, односно учениците од прво до трето одделение.
Во меѓувреме, од Бирото за развој на образованието известија дека ажурно подготвуваат програми за далечинска, т.е. онлајн настава. За основно образование се изготвени 60% од потребните видео лекции и содржини, за средно гимназиско 50%, а за стручно 30%.
Ресорниот министер Арбер Адеми вчера, пак, посочи дека се разгледува варијантата за комбинирана настава, и онлајн и со физичко присуство преку една недела.
Со свои предлози излегоа и политичките партии.
Од партијата, која е дел од владејачката коалиција, НСДП, апелираат оваа учебна година да се прескокне, додавајќи дека и краткотрајно физичко присуство на учениците во иста просторија може да биде катализатор на вирусот, додека пак онлајн наставата носи голем број предизвици, а доведува и до повреда на правото за образование.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека физичка настава може да има во средини каде што нема Ковид19 или има изолирани случаи. Оттаму додаваат дека комбинирана настава би можела да се изведува во средно ризични подрачја со најмногу 15 ученици во клас, при запазени протоколи, а онлајн наставата да има во средините со висок ризик.
Од она што е познато, учебната година секако нема да започне на први септември, а неофицијално, меѓу МОН и здравствените власти се преговара за компромисно решение кое би вклучило и физичко присуство на дел од учениците.