Пирова победа на Китаровиќ над десничарот Шкоро
Конзервативната претседателка на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ тесно влезе во вториот круг од изборите против левичарскиот поранешен премиер Зоран Милановиќ, откако националистичкиот фолк-пејач Мирослав Шкоро придоби голем дел од екстремно десното крило кампот на Китаровиќ. Поранешниот премиер Зоран Милановиќ го презеде водството со 29,5 проценти од гласовите. Актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ доби 26,6 проценти, со што го освои второто место на само два бода пред 57-годишниот пејач Мирослав Шкоро.
Грабар-Китаровиќ по изборите повика на обединување во вториот круг на 5 јануари, а за Шкоро рече дека е од нејзиниот политички спектар. Доколку не успее да ги обедини двете крила на партијата во вториот круг, аналитичарите велат дека тоа ќе предизвика проблеми за умерениот премиер од ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кога ќе се соочи со општите избори следната година.
– Победата на ХДЗ над Мирослав Шкоро уште на самата изборна ноќ се претвори во потенцијал за Пирова победа. Колинда Грабар-Китаровиќ не ќе може да се избори за вториот претседателски мандат, доколку не добие дел од гласовите на граѓаните, кои довербата во првиот круг му ја дадоа на Шкоро. Што ќе прави, тој јасно порача во својот постизборен говор. За него, освоените 25 отсто од гласовите се голем политички потенцијал и сигурно ќе тргне во изградба на нова политичка платформа за суверенистите и родољубите, кои се разочарани од актуелната политика на ХДЗ и премиерот Андреј Пленковиќ. Со нападите на актуелната власт и нејзината корумпираност покажа дека следната политичка цел му се парламентарните избори, на кои сериозно ќе им конкурира на ХДЗ – пишува „Вечерњи лист“.
Поаѓајќи од оваа логика, јасно е дека Шкоро не сака и не може да им сугерира на своите гласачи гласот да ѝ го дадат на Грабар-Китаровиќ против Зоран Милановиќ. За него, двајцата противкандидати се еднакви, така што нема да помогне идеолошкиот повик до хадезеовците за „заедништво во борбата против комунистите“, сметаат аналитичарите.
Во изминативе години Хрватска се бори да го спречи одливот на Хрвати, кои ги спакуваа торбите за подобра плата и професионални можности во побогатите држави на ЕУ. Многумина што заминуваат, како клучни мотиви ја наведуваат културата на непотизам и корупција, плус лошите јавни услуги, пишува Радио Слободна Европа.