МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Партиите ги официјализираат изборните листи, СДСМ вечерва ќе ги објави на конгрес

На три дена пред крајниот рок за доставување на конечните листи до Државната изборна комисија, владејачката СДСМ вечерва одржува Конгрес на кој раководствто на партијата ќе гласа за селектираните кандидати кои ќе се најдат на изборните листи.

Потврда од СДСМ за носител на Изборна единица пристигна единствено од Зоран Заев, кој најверојатно ќе биде носител во четворка, а најави дека паралелно ќе имаат тандем од двајца носители маж и жена во рамки на нивниот концепт за еднаква родова застапеност. Заедно со него, во трката ќе влезе потпретседателката на партијата Радмила Шеќеринска.   

Коалициските партнери на СДСМ, БЕСА, синоќа на Централно собрание ги официјализираа нивните кандидати. Ќе влезат во изборниот процес со 14 кандидати, а девет од нив се во шестата изборна единица, каде што носител е претседателот на партијата Билал Касами.

Актуелните владини партнери на Заев веќе го потврдија списокот на носители на изборните единици. Али Ахмети традиционално ќе ја предводи шестката, собранискиот спикер Талат Џафери на врвот на петтата изборна единица, поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити во првата, министерот за образование во втората, и на чело на тројката екс министерот за економија Беким Незири.

ВМРО ДПМНЕ за своите кандидати ќе одлучува утре на Централен комитет, а извесно е дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски нема да биде носител на Изборна единица, туку само кандидат за мандатар. Како неофицијални носители се споменуваат професорката Гордана Силјановска во првата, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски во двојка, во тројката генералниот секретар Игор Јанушев, Александар Николоски во четворка, оперскиот пејач Игор Дурловски во петтата и пратеничката Дафина Стојановска во шестата Изборна единица. Сепак, последните одлуки ќе бидат соопштени на партиската Конвенција во среда.

Од Алијанса за Албанците пак, потврдија дека нивниот лидер ќе се трка во шестката со неговиот конкурент Али Ахмети. Оттаму велат дека на овие избори ќе се натпреваруваат со истакнати личности кои уживаат доверба од албанското гласачко тело.

Инаку, ниту еден од  кандидатите за независни пратеници не успеа да собере ни приближно до потребните 1.000 потписи за да влезе во изборната трка.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial