„Обнова“ со 1 000 проекти, ветува Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Битола ја промовира партиската програма за изборите 2020 година
„Обнова“ со 1 000 проекти, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска во Битола ја промовираше партиската програма за пролонгираните парламентарни избори.
Во фокусот, како што рече, се економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна „повеќе пари за секого“.
„Мораме преку реиндустријализација и константен економски развој да постигнеме стандарди базирани на вредности. На народот му се потребни пари, наместо демагогија, а на државата работа и резултати, наместо неспособност и порази. ВМРО-ДПМНЕ и целиот интелектуален и експертски тим седи зад еден голем проект – ‘Обнова’ со над 1000 проекти за секого“,
рече Мицкоски.
Тој презентира дел од планираните проекти, доколку ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада:
– Раст на БДП од минимум 4% секоја година;
-Невработеност под 10%;
-Повисоки плати за минимум 25%;
-Ниски даноци, најниски во Европа од 8%;
За младите и за просветните работници, Мицкоски вети:
-За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци и тие да можат да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1 000 на Шангајската листа;
-Усогласување на платите за наставниците и професорите со Колективниот договор во образованието;
-За просветните работници во основното и средното образование личен доход од 36 000 денари месечно;
-За вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања;
-Реновирање и реконструкција на студентските домови;
За земјоделците, Мицкоски вети:
-Субвенции во износ минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп;
-Нов концепт во земјоделството, едноставни и брзи процедури:
-80 милиони евра за нови водоводни мрежи за еден мандат;
-Кредитен револвинг-фонд за откуп на земјоделски производи,
-Повеќе од 50% покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.
„За да ги менуваме работите мора да имаме сон. Јас тој сон со сета моја сила ќе се трудам да го остварам. Имаме стратегија, план и конкретни чекори и имаме срце и знаење за големи чекори. Македонија ќе се исправи и мојата генерација мора да успее“,
рече Мицкоски во Битола, која е во рамките на 5 ИЕ, а каде што носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ е оперскиот пејач Игор Дурловски.