Никој не се чувствува одговорен за хаосот во образованието, а проблемите и нервозите растат
Никој не се чувствува одговорен за хаосот во образованието, а проблемите и нервозите растатИако министерката за образование и наука, Мила Царовска најави дека министерството и Владата ќе обезбедат ефикасен образовен процес, сепак тоа не се покажа така во првите денови од почетокот на учебната година.
На прашањето дали ќе мора да се одработуваат часови поради бојкотот на наставата, Царовска рече дека никаде немало целосен бојкот, туку тоа било само на поедени ученици.
- Во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, тоа се поедини ученици кои јас сум сигурна, следејќи го трендот на пријавување и среќата кај учениците која се јавува и покрај онлајн наставата, дека ќе се приклучат на наставата. Поминаа само два дена, тоа се два дена со класни часови, каде што учениците се прилагодуваат, секоја нова одлука или менување на начинот на живеење е тежок, јас сум сигурна дека сите полека ќе се прилагодат, рече Царовска.
Ако се појавеле недостатоци, дополнително ќе разговарале со Бирото за развој на образованието дали ќе има дополнување на часовите во текот на летото.
- Дали ќе одлучиме за летниот период да имаат некои часови, дали ќе одлучиме во наредната година да имаме надополнување на часовите кај оние ученици кои ќе се јави недостиг на знаење, ќе се договориме заедно со Бирото. Сега е важно да оди учебната година на начин на кој што е поставен и со проценките на наставниците и директорите да видиме дали имаме потреба од дополнителна настава некаде, затоа што е важно учениците во континуитет да се стекнуваат со знаење, потенцира Царовска.
Инаку, платформата за далечинско учење наставниците и учениците почнаа да ја користат пред неколку дена, а уште од почетокот се соочуваат со технички проблеми. Додека трае часот, повеќе од прашањата се однесуваат на технички работи (дали се слушаме, наставничке, ми се исклучи нешто итн), одошто разговор и предавање во врска со материјалот за работа.