МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Невидена цена на бензините!

Никогаш досега нафтените деривати не ја достигнале цената по која се точат од вчера. Цените на бензините се зголемија за 5,5 денари и сега „евросупер БС-95“ е 89,5 денари за литар, „евросупер БС 98“ чини 91,5 денари, а цената на дизелот се зголеми дури за 10 денари и сега се продава по 85,5 денари.

Високите цени на бензините, заедно со високите цени на струјата и на гасот што деновиве достигнува цени невидени во историјата на употребата на природниот гас, ќе предизвикаат нови инфлаторни движења.

Но, како што вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, уште пострашно од цената на нафтените деривати е нивен недостиг и затоа Регулаторната комисија за енергетика треба на дневно ниво да ги коригира цените, затоа што е јасно дека снабдувачите нема да испорачуваат горива под цена што и самите ја плаќаат.

– Во нашата компанија се грееме на нафта. Снабдувачот ми вели: „Јас ќе ти ја дадам по цена утврдена од Регулаторната комисија, но морам дополнително да те задолжам по 9 денари за литар“. И јас го разбирам и сум согласен со тоа. Едноставно, нафтата што ја купил е поскапа од онаа по регулирана цена – изјави Димитров за „Слободен печат“.

Тој вели дека за цената е неопходна интервенција на државата.

– Она што сега може да го направи Владата е да се откаже од дел од акцизата. Таа зазема голем дел од структурата на цената на горивата и потоа на целиот тој износ се пресметува данокот на додадена вредност.  И привременото откажување од дел од акцизата е еден вид субвенционирање, а тоа е многу поправично отколку модел во кој фирмите би ја платиле високата цена на горивата, а потоа би добивале некакви субвенции од Владата. Во практика, се покажа дека некои компании неоправдано добиваат поголеми субвенции, а некои, пак, неоправдано сосема мали. Вака, со субвенционирање на цената на горивата и на енергенсите воопшто, кој колку троши, толкава помош и ќе довива – смета Димитров.

Во однос на учеството на транспортот во структурата на цената, Димитров вели дека тоа е различно од дејност до дејност, но дека некаде, каде што е неопходна голема километража за  транспорт, тоа е многу значајна ставка.

– Најголемата текстилна компанија минатата година плати 1 милион евра повеќе за транспорт, а годинава којзнае колкав ќе биде тој износ. Од цените на енергенсите особено очекувам да бидат засегнати извозните компании затоа што странските снабдувачи незначително ги коригираат цените во договорите, а нафтата поскапи за 250 проценти, струјата од 300 до 400 проценти, а се зголемува и цената на трудот – вели Димитров.

Откако Регулаторната комисија за енергетика ги соопшти новите цени, Владата одржа состанок со членовите на Економскиот совет, во кој учествуваа претставници од Академијата, гувернерката на Народната банка, претставници на стопанските комори, одделни претставници на поголемите компании од земјата, на синдикалните организации и други експерти од економскиот и финансискиот сектор.

„На состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски се разговараше за актуелната економска состојба во време на воената состојба во Украина, за сериозните ризици и последици што таа ги предизвикува и за нејзиното влијание и врз енергетската криза. Во тек е подготовка на анализата и можните нови мерки, кои треба да се најдат во најскоро време на владина седница. На состанокот се разговараше за таргетирани мерки со буџетска поддршка за стопанството, со цел задржување на ликвидноста и на работните места и за мерки за ранливите категории за ублажување на ценовните шокови“, соопшти Владата без да информира за детали за можните мерки. За тоа какви мерки се можни и што очекуваат од Владата, вчера јавно не поговореа ниту од Стопанската комора ниту од Сојузот на стопанските комори.

Мицкоски: Владата да се откаже од половина акциза

Не е време за изговори. Владата итно да се откаже од половина од акцизата што ја добива од горивата и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ што е заглавен низ собраниските лавиринти, изјави вчера претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.

– Дури 43 проценти од цената на бензините се давачки кон државата за секој литар гориво. Да се намали ДДВ за храната. Наместо 5 проценти даночна стапка за храна, таа да е нула проценти, а  бараме и за парното да биде нула. ДДВ-то на електричната енергија до крај на годината да остане на исто ниво од 5 проценти. И многу важно, да има раст на платите во јавниот сектор преку усогласување на коефициентот на тежина на работната сила со веќе договореното со колективните договори – побара Мицкоски.

Од Русија доаѓаат 7 отсто од нафтените продукти

Најавите од САД дека анализираат забрана на увоз на руска нафта предизвика пораст на суровата нафта од типот „брент“ до речиси 140 долари за барел, што е највисоко ниво од 2008 година. Русија е најголемиот светски извозник на сурова и нафтени продукти заедно, со околу седум милиони барели дневно или седум отсто од глобалната понуда. Таквата забрана би била без преседан, со исклучително високи цени и ризик од инфлациски шок, анализираат светските економисти.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial