На патот Маврово – Никифорово ќе се вози по нов асфалт – Сугарески и Китанов на увид на градежните работи
На регионалниот патен правец што ги поврзува селата Маврово и Ниќифорово, се изведуваат работи за негова целосна реконструкција. Стариот асфалтен слој, на трасата која е долга 6,6 километри е изгребан и механизацијата веќе врши ново асфалтирање. Проектот, кој чини 52,5 милиони денари, го реализира Јавното претпријатие за државни патишта. Директорот на претпријатие Зоран Китанов и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, претпладнево беа на увид на градежните работи.
„Патот Маврово Ниќифорово не треба да кажуваме колку е стар и колку бил заборавен. Се наоѓаме во финалиот дел на рехабилитацијата и за 10 до 15 дена очекуваме асфалтниот дел тотално да заврши, а до средината на октомври да биде готова и сигнализацијата.“, изјави Китанов.
Сугарески рече дека со вложување во патната инфраструктура во мавровско-реканскиот крај ќе се подобрат условите за развој на туризмот и за поквалитетен живот за жителите.
„Градежните активности одат со одличен тек, и очекуваме до следниот месец комплетно да се заврши овој пат. Сакам да потенцирам дека во изминатиот период воовој регион се работеше на патот Маврово – Ново Село, ќе се работи на патот Маврови Анови – Маврово, како и на патот до Жировница“, изјави министерот.
Сугарески информираше дека работите на автопатот Кичево – Охрид се започнати, и дека проектот за комплетна реконструкција на патот Гостивар-Кичево е целосно завршен.