Напната и неизвесна трка по вакцина против коронавирус
Информациите од САД за успешни резултати за вакцина против коронавирус им даваат крилја на фантазијата и на берзите. Низ цел свет научници, финансиери и политичари се ангажирани во операцијата – вакцина.
Повеќепати се случува берзите да бележат скок поради информации за вакцина. Но на почетокот од оваа недела скокот на берзите беше прилично голем, од Њујорк, преку Токио до Франкфурт. Повод беше веста од фармацевтскиот концерн Модерна, прв кој во САД тестираше средство против Ковид-19 врз луѓе. Вакви тестови во пракса има и во Кина, Велика Британија и Германија. Но, посебно во САД се влеваат огромни пари во проектот вакцина против Ковид-19. Во светски рамки се експериментира со преку 100 евентуални средства за добивање вакцина. Бројот на проекти за добивање вакцина е преку 120, од мали фирми како Biontech од Мајнц или CureVac од Тибинген, па до светски концерни како Санофи и Модерна од Бостон во САД.
Акциите на Модерна забележаа скок од 20 проценти откако потенцијалната вакцина на концернот покажа ветувачки резултати по првите тестови. Американската здравствена агенција ФДА најави давање дозвола за средството по забрзана постапка. Модерна, според сопствени наводи, има договор со швајцарската фармацевтска фирма Лонза за да може да ја произведува вакцината во поголеми количини по обезбедувањето лиценца.
Вакцина mRNA-1273
Вакцината на Модерна, mRNA-1273 кај осум од 45 пробанти предизвикала имунолошка реакција, соопшти концернот. „Иако резултатите не се официјални, тековните резултати од првата фаза покажуваат дека вакцинирање со mRNA-1273 може да предизвика имунолошка реакција споредлива со онаа предизвикана од природно добиена инфекција”, изјави Тал Цакс, медицински раководител на Модерна. Целосните резултати на првата фаза на клиничкиот тест уште не се познати.