МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Мицкоски: Поскапата струја е грабеж од власта

Да се намалат трошоците и маржите на енергетските компании, наместо да се поскапува струјата, предлага лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, покачувањето на цената на електричната енергија претставува грабеж на граѓаните. Вината ја гледа во власта, која до неодамна се фалеше со евтината тарифа.

“Нема друга држава во Европа која среде Ковид пандемија покачува цена на електрична енергија, напротив имаме бројни случаи низ Европа каде што владите одлучуваат да субвенционираат комунални трошоци, но истовремено да ги субвенционираат и трошоците кои што граѓаните ги плаќаат за потрошената електрична енергија.
И тука сакам да бидам јасен, владата предводена од Спасовски и Заев нека не ја префрла вината за сето ова на Регулаторната комисија, нека не создава димни завеси и измислува изговори со напади кон опозицијата. Ова не е политика, туку директен удар врз џебот граѓаните и стандардот на граѓаните”, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, кога се споредува цената на струјата со другите држави треба да се земе предвид и просечната плата, што би покажало дека Македонија е меѓу европските земји каде овој енергенс е најскап. Опозицијата наведе неколку причини за тоа.

“Првото е високата маржа на универзалниот снабдувач на сметка на ниската цена на компанијата која што е во државна сопственост и индиректно ги оштетува граѓаните. Втората е поради големите и масовни партиски вработувања пред изборите со што се зголемија драматично трошоците за вработените во компаниите кои што се во државна сопственост како што се МЕПСО, МЕМО, поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ”, вели Мицкоски.

Од СДСМ реагираат дека Мицкоски манипулира со јавноста. Велат дека во време на ВМРО-ДПМНЕ најмногу растеше цената на струјата, а во време на СДСМ најмногу пораснаа платите.

“Ако толку сака да ги споредува и висините на платите, Мицкоси треба да научи дека во време на ВМРО-ДПМНЕ и во негово време цената на струјата имаше највисок раст од 100%, а во време на СДСМ цената на струјата остана непроменета цели три години, додека платите имаа највисок раст во историјата на земјата. Оттука, раст на струја од 7% за три години е неспоредливо со растот на струја од 100% за нивните 10 години.
Покрај зголемување на цената, токму ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски ја укина евтината тарифа на струјата што значеше и сериозно дополнително зголемување на сметките на корисниците. СДСМ беше и натаму останува позади својата политика за евтина тарифа на струја”, пишува во писмената реакција на СДСМ.

Инаку, одлуката за поскапување на струјата за 7,4% ја крена на нозе јавноста. Синдикалните и граѓански организации стравуваат дека тоа ќе повлече и низа други поскапувања на производи и услуги. Но, од Регулаторна ги демантираат тие наводи. Велат дека најголем дел од фирмите сами набавуваат струја на слободниот пазар по нерегулирани цени, кои годинава се за околу 9% пониски од лани. Па, според тоа компаниите ќе имаат помали трошоци, објаснуваат од Регулаторна.

Но, граѓанските здруженија најавуваат протести. Првиот е закажан за утре вечер во Тетово, каде граѓаните ќе го искажат својот револт против новата цена на струјата.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial