Министерот за здравство стравува дека бројот на вакцинирани не е доволен за заштита
Здравствените власти ќе чекаат да видат каква ќе биде состојбата во наредните две до три недели па ќе одлучуваат дали да се укинат Ковид мерките. Иако серолошкиот скрининг првично покажа дека 76 проценти од невакцинираните кои биле тестирани имале имунитет, според министерот за здравство се уште не сме подготвени за целосно враќање на животот во нормала затоа што и понатаму постоел ризик врз здравствениот систем со нови хоспитализации.
-Ние сме на граница меѓу жолта и зелена зона. Тоа не ни дава гаранции да ги намалиме мерките. Си дадовме задача уште 2-3 недели да ја следиме општата состојба. Ние следиме 3 држави Велика Британија, Данска и Германија каде имаше укинување на мерките и гледаме дека има зголемување на новоинфицирани иако во овие држави опфатот со вакцинација е над 75 проценти, изјави министерот за здравство Беким Сали.
Министерот за здравство е оптимист дека се уште има простор да се зголеми опфатот на вакцинација.
-Сметаме дека со зголемување од 60 проценти од таа динамика ни дава знак дека се уште има простор да се работи во насока на зголемување на број на новоимунизирани, рече Сали.
Инаку последниот период се повеќе држави значително ги олеснија мерките. Од денеска во соседна Србија нема потреба од Ковид пропусница во угостителски и други објекти. Маските во затворено веќе не се задолжителни, а се укинува и ограничувањето на бројот на луѓе на еден настан.