Лукашенко: Додека не ме убиете, нема други избори

„Ги одржавме изборите, додека не ме убиете нема да има други избори“, им порача белорускиот претседател на работниците во фабриката за производство на трактори во Минск, кои го исвиркаа и побараа да си поднесе оставка. Во меѓувреме повеќе вработени во државните фабрики одржуваат или планираат да одржат штрајкови во текот на неделата, зголемувајќи го притисокот врз единствениот претседател на независна Белорусија по контроверзните избори одржани на 9 август. Вчера, според опозицијата, се одржаа најголемите протести по отцепувањето од Советскиот сојуз во 1994 година. За државите медиуми на нив пристуствуваа 10.000 демонстранти, но организаторите тврдат дека учествувале повеќе од 200.000 луѓе. Според неофицијални податоци во протестите кои следуваа по изборите до сега се уапсени околу 6.700 лица. Светлана Тихановскаја, која на изборите учествуваше како независен опозициски кандидат и во предизборниот период произлезе како главен конкурент на Лукашенко, од Литванија каде што избега по изборите, порача дека е подготвена да ја преземе улогата на национален лидер.
Подготвена сум да ја преземам одговорноста и да станам национален лидер во овој период. Со цел за смирување на државата и влегување во еден нормален период, со ослободување на политичките затвореници и во најкраток можен рок создавање услови и законска основа за организирање нови претседателски избори. Вистински, чесни и транспарентни избори, кои ќе бидат недвосмислено прифатени од меѓународната заедница, порача таа.
Се поголем е бројот на поединци и групи во земјата кои се осмелуваат да побараат повторно одржување на изборите. Еден од нив е и амбасадорот на Белорусија во Словачка, кој откако вчера јавно изрази подршка за демонстрантите, денеска за западните медиуми изјави дека поради тоа очекува последици.
Имам чуство дека многу лица, многу колеги се согласуваат со моите изјави, мојата позиција. Но секако тие се плашат, не сакаат да бидат отпуштени, изјави белорускиот амбасадор во Словачка Игор Лешчења.
Европските лидери во среда ќе одржат вонреден видео самит поради кризата во Белорусија, откако минатата недела министрите за надворешни работи на членките на унијата се согласија за воведување нови санкции против земјата. Самиот Лукашенко повеќе пати тврдеше дека протестите се поттикнувани од надвор и побара помош од Путин, кој му ветил дека Русија ќе обезбеди било каква потребна помош во случај на надворешни закани.