Курти го менува Тачи поради тајната спогодба за северот на Косово
Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека постои основа за покренување процедура за смена на косовскиот претседател Хашим Тачи поради сериозно кршење на Уставот со потпишувањето на „тајната спогодба“ со која на припадниците на КБС им се забрануваат активности на северот од Косово.
Според пишувањата на приштинска „Газета експрес“, Курти смета дека тоа е доволна основа за покренување постапка за смена на Тачи.
Според весникот, во канцеларијата на косовскиот премиер постои документ според кој Тачи во 2013 година, додека бил премиер, потпишал потполно тајна спогодба за активностите на припадниците на КБС со тогашниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен.На тој начин, се додава во текстот, Тачи од име на Приштина му пренел на КФОР апсолутна надлежност над сите идни активности на припадниците на КБС на северот од Косово.
Покрај објавената спогодба, Курти го објавил и своето мислење за тој документ во кое се заклучува дека Тачи сериозно го повредил косовскиот Устав, со што се оправдува покренување уставна процедура за негово разрешување.