Ковачевски – Наскоро ќе се знаат идните чекори за здружението „Ванчо Михајлов“
Следната недела ќе се знаат идните чекори во врска со регистрацијата на бугарското здружение „ Иван (Ванчо) Михајлов“ и отворањето на културниот центар со тоа име во Битола, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, настанот на отворање на овој центар во саботата претставува, како што рече, ништо повеќе од провокација, бидејќи ги буди духовите од минатото, со оглед на тоа што се работи за личност која била соработник и на Германија на Хитлер и Италија на Мусолини, но и НДХ на Павелиќ.
Ковачевски смета дека со соседните држави треба да се градат мостови на пријателство и да се гледа кон иднината.
Со Бугарија, потенцира премиерот, решението треба да се бара и да се базира врз основа на европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу политичарите.
Прашан за коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека македонската историја се темели на лагите на комунизмот, а не на историски факти, премиерот рече дека не ја видел таа изјава.
Радев рече дека е време антибугарската идеологија во Северна Македонија да остане во минатото. Тој вели дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Радев изјави и дека „обидот на политичарите во Северна Македонија да изградат идентитет врз основа на фалсификатите на Комунистичката интернационала, а не на историската вистина е спротивно на интересите на граѓаните на РСМ кои навистина сакаат членство во ЕУ.
Денеска коментар за Ванчо Михајлов имаше и претседателот на Македонија Стево Пендаровски. Тој рече дека Михајлов неспорно бил следбеник и корисник „на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“.
Ставот на шефот на македонската држава е дека треба двете држави да се концентрираат на вистинските, реални критериуми за влез во Европската унија, а не доминантно на решавање на историските прашања.
Пендаровски денеска во Скопје се сретна со својот колега, претседателот на Латвија, Егилс Левиц. Левиц смета дека историските спорови треба да се остават на страна и дека тие не треба да бидат причина за да се оспори капацитетот на една земја да го продолжи патот кон Европската унија.