Ирска силен партнер на Македонија, Варадкар порача: Членството во ЕУ не смее да биде партиска работа
Приклучувањето во Европската унија не треба да биде партиска работа бидејќи тоа е стратешко и безбедносно прашање кое е од клучно значење. Ова го истакна ирскиот премиер Лео Варадкар на заедничката прес конференција со премиерот Ковачевски.
„Приклучувањето кон европската унија треба да биде национална амбиција а не партиска или политичка работа и секако за нас кои се приклучивме кон Европската унија, кај нас имаше навистина голем консензус за да се направи тоа. Сметам дека е важно и за регионалната безбедност, но и за пошироката безбедност на Европа особено по руската инвазија врз Украина. Секогаш го поддржувавме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Северна Македонија како идна земја членка и се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза“, рече Варадкар.
Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција, рече премиерот Ковачевски. Македонија во 2004 година ја поднесе апликацијата за членство во Европската унија токму кога Ирска беше претседавач и оттогаш добиваме јасна поддршка од Ирска, рече Ковачевски.
„По отпочнувањето на преговорите ние континуирано добиваме целосна потврда на заложбите за европската иднина, ја имаме и потврдата дека нашите напори за заштита и на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет денес имаат резултат. Кога велам дека процесот нема да заврши велам дека процесот на реформите кој што е започнат ќе продолжи, не постои сила во нашата држава која што може да го стопира пристапувањето на државата во Европската унија бидејќи нема друга алтернатива“, вели Ковачевски.
Инаку Македонија и Ирска одбележуваат 30 години од воспоставувувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
