Нова страница за информации

Затвор за осум Косовци, планирале да ги убијат Тачи и Мустафа

Основниот суд во Приштина вчера осуди осум мажи за обид за убиство на поранешен политичар и заговор за убиство на претседателот и премиерот на Косово во 2017 година.

Казни од две до 12 години им се изречени на припадниците на организацијата позната како „Око на народот“, која претседателот Хашим Тачи и судот ја окарактеризираа како терористичка организација.

Мурат Јашари доби десет години затвор за ранувањето на поранешниот политичар и истакнат адвокат Азем Власи на прагот на неговата куќа во март 2017, пренесува Ројтерс.

Судот соопшти дека Власи бил првата жртва на списокот на потенцијални мети, на кој биле и Тачи и Иса Мустафа, тогашниот премиер.

„Целта им била сериозно да ги дестабилизираат или уништат политичките, економски, уставни или општествени структури на Република Косово“, наведе во пресудата главната судијка Наиме Красниќи Јашаница.

Судот соопшти дека на „листата за отстрел“ имало и верски лидери, бизнисмени и новинари.

Демократската партија на Косово го обвини движењето Самоопределување дека стои зад терористичката организација „Око на народот“, додека Самоопределување соопшти дека изјавите кои на суд ги дале лидерот на ДПК Кадри Весељи и Тачи се „лажни“.

„Демократската партија на Косово остро го осудува учеството на движењето Самоопределување, кое злонамерно ја создаде, инспирираше и поттурна оваа терористичка група да елиминира политички противници, и бара да се дистанцира од оваа терористичка група“, соопшти ДПК.

Самоопределување возврати дека ДПК пред сѐ треба да се дистанцира од лажните изјави кои под заклетва ги дале Весељи и Тачи „дека Аљбин Курти и Глаук Коњуфца се дел од организацијата „Око на народот“, поради што Коњуфца и Курти поднесоа кривични пријави“.

Адвокатите на осудените најавија дека ќе се жалат.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial