Заев: Сите заедно и солидарно да го понесеме товарот од економските последици кои ќе бидат сериозни
Кога се радуваме и соопштуваме убави вести тоа е добро, но политичарите имаат одговорност да соопштуваат и непопуларни вести.
Новинарско прашање: Објавивте пакет економски мерки, какви се според вас очекувањата, какви се проценките за економските последици од оваа криза?
Oдговор на Заев: Кога се радуваме и соопштуваме убави вести тоа е добро, но политичарите имаат одговорност да соопштуваат и непопуларни вести, односно вести којшто се должни да ги соопштуваат за да народот ги дочека на нозе деновите кој што претстојат и деновите и месеците кој се пред нас. Соопштивме сериозен пакет на мерки, ретко кој го има соопштено на Балканот. Тоа е благодарение на тоа што дигнавме бруто домашен продукт од -1,8 на 3,6% и ова ја става државата во таква положба да развива. Благодарение на нашиот кредитен рејтинг и капацитетност повлекуваме крдити, драго ми е и што се потпиша дополнителната заменичка министерка за ова прашање, ќе бараме кредити но треба да знаат граѓаните дека големите пари ги повлекоа големите земји. Малку се парите, дел од кредитите ке ја санираат состојбата, но дел мораме сите заедно солидарно да го понесеме.
Мораме да ги поддржиме работниците, мораме да ја поддржиме економијата и фирмите заради тоа што доминантно тие го полнат буџетот, доминантно тие го крепат и го развиваат бруто домашниот продукт и доминантно се тие којшто обезбедуваат плати на нашиот народ, плаќаат даноци и давачки и го генерираат развојот севкупен на земјата наша. Во такви околности мораме да имаме рамномерна распределба на товарот што сите мора да го понесеме. Ние нашите мерки како политичка партија ги испорачавме до Владата, сега Владата е таа која што конечно ќе одличи, ја има нашата поддршка. Партиципира СДСМ најповеќе во таа Влада, да ги развијат сите модели, да ги слушнат сите искуства и анализи и секако да донесат одлука.
Но, треба да знаат граѓаните и тоа ќе го кажам јавно дека очекувањата на наплатата на приходите се помеѓу 30 и 40%, значи околу 60% ќе недостасуваат. Секако 30% ќе ги надокнадиме ако обезбедиме кредити повеќе од 1 милијарда и 200 милиони евра, а во моментот ни нудат не повеќе од 600 милиони. Еве да обезбедиме милијарда и двеста милиони, останатите 30% мора да кратиме, мора да штедиме, сето тоа што не директно задира во приватната потрошувачка или во јавната потрошувачка.
Тоа значи дека сите ставки кои досега гледам финансии ги кратеа, а тоа се сите непродуктивни трошења, сите неопходни трошења, сите оние средства коишто одат надвор од држававата или слично се кратат. И тоа се некаде околу 7 милијарди денари како што гледам по проекциите како се одвиваат за кратењето. Но, не е доволно. 30% од буџет од близу 4 милијарди е милијарда и триста и мора да знаеме тоа да го понесеме заедно сите. Колку побрзу го сватиме тоа толку поуспешно и поефикасно ќе се справиме со кризата.
Ние можеме да правиме купувања од празно во шупло, едно во друго, треба да знаат сите дека буџетот е едно, но реалните пари ги нема во буџетот а тој буџет треба да помогне и на работниците и на стопанството. Затоа мора да споделиме.
Секако, ваквите мерки кои што ги предложивме не се сите благопријатни. Благопријатни се за стопанството, затоа што знаат дека може да сметаат на својата земја и верувам дека ќе го разгледаат и вториот пакет на мерки. Еве, и ние дадовме наша сугестија како СДСМ, како Влада, да може да се помогне. Но, взаемното, солидарно, заедничкото распределување на понесувањето на трошоците мора да го направиме. Ако го направиме, имаме големи шанси да го скратиме периодот на пребродувањето на кризата. Ако не го направиме треба да бидеме спремни на се.
Државата мора да ги извршува основните функции. Да пушта пари на болниците и на аптеките за да има лечење и да има лекови. Полицијата, војската мора да бидат обезбедени, за се. И сега ни требаат во оваа криза и ќе ни требаат.
Треба да знаеме дека еден дел мора да понесеме сите на плеќи. Тоа не е благопријатна вест.
Но, политичарите кои водат грижа за државата и за својот народ мора да бидат спремни да соопштат и неблагопријатни вести. Јас го кажувам тоа отворено и чесно, без било какви политички калкулации. Лесно им е на некои, од другата страна, да се прават фраери, да изиграваат паметни, да даваат било какви сугестии, само за да соберат популистички поени.
Треба точно да се каже каква е состојбата. Еве, јас ја кажувам, онака, како ние од Социјалдемократскиотсојуз ја знаеме. Владата, исто така, ќе го соопшти тоа во сите детали. Не се сомневам во тоа. Како ќе се организираме, од нас зависи. Како ќе се справиме со тоа, од нас зависи. Држава, Влада, Парламент, сите постојат заради народот. Како народот ќе донесе одлука на крајот, така ќе биде.
Но, верувам дека ќе стиснеме заби, за краток период, заедно тоа да го понесеме, за да не трае долго, па да мораме сите, многу подолго тоа да го понесеме.
Не е само кај нас, насекаде е во светот. Го гледаме.
Мерките веќе, голем дел од Владите ги следат. Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија. Следат истоветни мерки како нашите. Верувам дека развиваат модели и го соопштуваат тие модели за кратење. Мора да почне кратење и верувам дека тоа ќе биде на солидарна осонова. На онаков начин, како што најпаметните луѓе во државата тоа ќе го дефинираат, секако со поддршка на институциите и народот наш.
Јас сум убеден дека ќе ја пребродиме оваа криза. Пребродивме многу, еве се радуваме на овие големи успеси, двете стратешки цели, ни се исполнети.
НАТО бидна! Членка сме на НАТО. Почнавме преговори со Европската Унија. Тоа се двете стратешки цели.
Можеме да бидеме горди како генерации, дека оставаме извесност и оставаме иднина, на децата и на генерациите кои што доаѓаат после нас.
Оваа криза, само заедно, ако бидеме сплотени, искрени, чесни, посветени, заедно ќе ја пребродиме. Се надевам за многу покус период од она што се претпоставува во светот дека ќе трае, како економски импликации од корона вирусот.