МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Заев – не сум вмешан, објавете се што имате за Рекет

Нека се објави се во врска со Рекет, јас не сум вмешан. Сакаме ветинг и брзо продуцирање кадри за судството. Покачувањето на платите не е предизборен поткуп туку реален одраз на успешните политики на оваа влада. Прашањата со Грција и Бугарија ќе се решат низ договор. Ова се дел од поентите во неделното интервју за Слободна Европа со премиерот Зоран Заев, кој наведе и дека не го прочитал сега веќе повлечениот закон со кој се ограничуваа правата на протести во земјата, пред да се усвои на влада и да влезе во собраниска процедура.

Господине Заев, ќе бидете премиер до 3 јануари, а што потоа? Сметате дека ќе победите на изборите во април?

Секако да. Јас сум убеден дека ќе победиме. Секако, тоа е одлука на граѓаните. Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнати во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април.

Претпоставувам дека сте свесни за големата разочараност кај граѓаните што промената на името не доведе до датум за преговори со ЕУ, дека правдата сè уште не заживеа до оној степен како што треба во една демократска држава, дека граѓаните гледаат како големите играчи не завршуваат во затвор, додека тие кубурат со извршители и едвај врзуваат крај со крај.

Јас сум свесен за слабостите на оваа влада, но и на самиот систем, затоа што не е сè влада, барем не сè што набројавте. Секако, разочарувањето е присутно кај сите граѓани, присутно е и кај мене, поради тоа што ЕУ не донесе одлука. Останува нашата надеж дека таа историска грешка ќе ја поправат. Дефинитивно во правосудството граѓаните не ги добија очекувањата коишто ги имаат и затоа ние многу гласно зборуваме за она што ќе се случува во иднина во правосудството, затоа што правосудството не е под контрола на владата, на извршната власт. Ние ги донесовме законите, парламентот ги усвои, очекуваме многу работи во правосудството да се подобрат. Она што веќе е придобивка во судството е што имаме транспарентни процеси, имаме процеси која сите се еднакви пред законот и пред правдата, тоа го покажаа и случаите, што не беше случај пред 2,5 години за време на претходната власт, но секако тоа не е доволно. Знам дека се донесени неколку пресуди, неколку од нив се правосилни. Тоа сето не е доволно, но верувам дека во иднина ќе има уште повеќе конкретни пресуди.

По последните настани во судството, по бегствата, и самиот дадовте негативна оценка за судството, па повторно најавувате ветинг. Претходно велевте дека ЕУ ви советувала да не го правите зашто ќе сме останеле без судии. Сега има нови судии, па може ветингот да се направи?

Ветингот може да го стартуваме, на претходно јасно утврден модел каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување, со конечна цел да направиме едно комплетно растресување и промена на менталното однесување во правосудството. Тоа паралелно треба да се случува и со државната власт, но би рекол и во други сегменти во општеството. Што е ново? Ново е тоа што сега ќе инсистираме на еден брз процес на продуцирање кадри за судии и обвинители. Тоа веќе стартуваше, 60 кандидати веќе завршуваат, ќе има и уште нови 60 кандидати. Верувам дека со ЕУ ќе обезбедиме и брза трака за оние со над 5 години работно искуство, како што се стручните соработници во судовите, адвокати, професори до над 5 години работно искуство, да имаат пократок период на учење низ академијата.

На 3 декември е првото рочиште за случајот Рекет? Опозицијата тврди дека главата на октоподот сте вие. Може ли една таква операција да се случи без ваше знаење?

Не може да се случи без знаење на премиерот ако премиерот е автократ и ако има контрола врз сите процеси во државата. Таква работа веројатно немаше шанса да излезе на површина ако се случуваше во времето на Никола Груевски. Во таквите случаи обично врхушката на власта ќе ги собереше парите, но сега премиерот го пријавува случајот, јас самиот го пријавив самиот случај и тоа беше јасно кажано и од обвинителството и од сите. При еден ваков случај на вака отворена и транспарента постапка, еве ги сите работи на повидок. Испадна дека на крајот тоа што го слушаме од медиумите како разработуваат одредени материјали, дека Орце Камчев којшто е вклучен во ваквиот случај на давањето поткуп, или како што некој вели рекетирањето, испаѓа дека тој давал сериозни донации за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е влезена во тежок криминал, и тоа на последните избори кога се конструирал самиот случај Рекет. Јас би сакал таков вид на истрага да се отвори до крај за да ги видам основите. Како тоа 400 илјади евра, кога законот вели дека правен субјект може да донира до 30 илјади евра. Порано тоа ВМРО-ДПМНЕ го правеше со медиумите, кога должеше три милиони евра. Сега испаѓа дека истото тоа се случува. Зоран Заев е пријавител на случајот, Зоран Заев не е под истрага, ако има што било поврзано со овој случај, сакам да биде обелоденето.

Премиере, го имавте ли вие лично видено предлог-законот со кој се ограничуваше правото на протест и помина ли тој на владина седница пред да влезе во Собранието?

Ние како влада го повлековме законот, затоа што веднаш ги слушнавме реакциите на граѓаните. Сакавме да видиме како другите демократии ги решиле овие прашања и така и ќе ги решиме. Секој закон не може премиерот лично да го чита, има служби, има институции, има министерства. Лично го немам читано самиот закон, ги прочитав спорните решенија кога веќе беше јавно објавено. Веднаш како влада донесовме одлука да го повлечеме законот. Вакви работи во минатото беа мисловна именка. Еве ја респонзивноста на власта уште еднаш, по не знам кој пат.

Кога ги договоривте изборите со опозицијата, имаше коментари од типот „не го отпишувајте Зоран Заев, ќе дојде со полни торби пари“. Сега, опозицијата вашата буџетска дарежливост за повисоки плати и пензии ја нарекува предизборен поткуп. Имаше забелешки и од ММФ.

ММФ даде многу внимателни сугестии во делот на тоа што ММФ секогаш бил, тој бил конзервативен, тој секогаш бил критично настроен. Сега за прв пат коментарот кон државата е поприлично позитивен. Затоа што овие политики беа најавено пред кој било да знае што ќе биде конечната одлука на Европскиот совет, дека следува покачување на платите, во образованието преговаравме, во здравството, таргетот беше поставен уште за изборите. Не ми беше лесно кога критикуваа дека покачувањето на пензиите било 36 денари. Јас сакав да биде 1036, но тогаш го стабилизиравме пензискиот фонд. Кога фондот обезбедил 3 милијарди денари повеќе, и притоа е стабилизиран, вие треба да ги пуштите парите кон граѓаните. Ние веруваме многу во човечкиот капитал и тоа го правиме.

Велите дека Грција и Бугарија сега се промотори на македонските евроатлантски интеграции, но од новата влада на Атина без најава дојде новата трговска ознака „Macedonia the Great“, а од Софија декларација на парламентот со која се условува македонскиот пат кон ЕУ? Како вие како премиер гледате на бугарските условувања, на пример дека Бугарија не била окупатор на Македонија во Втората светска војна?

Јас ја гледам нивната одлука, нивната дискусија таму каде што се одлучува за Република Северна Македонија. Тоа беше на Министерскиот совет и на Советот на ЕУ, каде што одлучуваа за добивањето датум за почеток на преговорите. Бугарија беше една од најгласните, грчкиот премиер беше целосно позитивен, барајќи и за нас и за Албанија добивање датум за почеток на преговорите. Точно, тие одлучиле да си промовираат како регион „Macedonia the Great“. Тоа апсолутно не е дел од решенијата во Преспанскиот договор. Таму јасно е напишано дека има Меѓународна експертска група којашто треба да го најде решението за ова прашање. Тоа е нивна работа, си решиле така. Дефинитивно, решението кое ќе биде конечно ќе биде заеднички решено. Бугарската страна се обидува, секако тоа е нивно право, да се позиционира како што мисли во делот на затворањето на одредени прашања низ Мултидисциплинарната комисија. Ние сме втората страна, низ разговор ќе ги решиме и овие прашања. Ние имаме решено четири историски поглавја. Нема да дозволиме повторно да ги вратиме кавгите, проблемите и слично, затоа што сме мала земја. Придобивки ќе имаме ако градиме пријателство, секако не на штета на нашиот идентитет, на нашиот народ, на нашата иднина или слично. Тоа ќе го правиме на начин на којшто отвора перспективи за идните генерации, за младите и за децата.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial