Заев најавува декриминализација на марихуаната, во моментов голем број судски случаи за ова дело
Пораснал бројот на лица кои се соочуваат со кривична одговорност за поседување дрога. Според статистиката на обвинителството, во 2018-та година полицијата поднела пријави за 600 лица, додека минатата година бројот се искачил на скоро 900 кои биле пријавени за поседување наркотични дроги. Казните за ова дело се движат од шест месеци до 10 години затвор.
Во меѓувреме, Владата денеска најави дека планира да ги укине казните за поседување марихуана. Според Премиерот не било во ред некој да оди во затвор што користел половина грам канабис.
За дел од политичките партии, предложената декриминализација била обид да се сокријат криминалите на власта. Од Алијанса за албанците велат дека предлогот доаѓал по само неколку денови од акцијата во Арачиново и заплената на 100 килограми наркотици кај роднина на заменик министерот во МВР.
„Зоран Заев изгледа брза во неговите напори за да овој закон што поскоро помине во Парламент и со ова тенденциозно сака да ги покрие последните настани со запленети наркотици и другите криминални случаи кои речиси секој ден се случуваат во бизнисот со наркотици“, велат од Алијанса за албанците.
Невладините кои поддржуваат декриминализација очекуваат поголема вклученост на полицијата и Обвинителството бидејќи како што велат, најчесто зад решетки завршувале лица кај кои биле откриени мали количини канабис.
Претходно владата најави продажба на марихуана во клубови и угостителски објекти.