Еден македонски државјанин на „Дајмонд Принцес“ заболен од коронавирус
Еден од тројцата македонски државјани кои се наоѓаат во карантин на крузерот “Дајмонд Принцес” во јапонското пристаниште Јокохама е заболен од коронавирусот, потврдија од министерството за здравство и министерството за надворешни работи.
Потврдено е присуство на коронавирусот кај еден од македонските државјани кој во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија. Амбасадата на Македонија во Токио е во комуникација со македонскиот државјанин.
Воедно, на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот, се вели во соопштението од министерството за здравство.
Јапонските здравстени власти продолжуваат со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 годишна возраст и лица со хронични заболувања.