Дали некој ги контролира брзите кредити
Таканаречените брзи кредити, кои во изминатиов период го преплавија
рекламниот простор, барем на прв поглед изгледаат привлечно за
граѓаните, особено кога се имаат предвид сложените банкарски процедури
за добивање кредит и фактот дека тие, сепак, не се секогаш достапни, но
барем на тие што претходно не се задолжувале, не им е сосема јасно како е
регулирана целата постапка. Во меѓувреме, бројот на компаниите што
овозможуваат брз пристап до финансиски средства во Македонија е во
постојан раст. Особено, откако во текот на 2018 година беа направени
измени во Законот за заштита на потрошувачите.
Според регистарот на финансиски друштва, кој го изработува Министерство
за финансии, институција овластена за доделување лиценци на компании што
можат да „одобруваат кредити“, поточно да издаваат таканаречени брзи
кредити, на територијата на Македонија има вкупно 26 вакви компании.
Притоа, само минатата година биле отворени шест нови компании, кои се
стекнуваат со правото да одобруваат кредити. Сепак, растот на нивниот
број, според упатените во финансиската проблематика, не треба да се
смета за проблем, туку напротив за збогатување на финансиската понуда и
поголем избор во финансиските понуди за граѓаните.
– Појавата на овие финансиски друштва е доказ дека пазарот има потреба од вакви финансиски организации. Тие пополнуваат една празнина што се јавува на пазарот, бидејќи има потреба од финансирање на дел од населението, кое од разни причини нема пристап до банкарските шалтери. Контролата е во рацете на Министерството за финансии. Сметам дека ризици нема, бидејќи законодавецот го минимизирал ризикот, барем за пошироката заедница, и ги ограничил да работат само со сопствени средства. Тие немаат право да прибираат штедни влогови од населението. На тој начин, некој поголем ризик за пошироката заедница, од нивното работење засега не гледам. Сметам дека не им претставуваат вистинска конкуренција на банките, сепак сѐ уште ги има во многу мал број, и дополнително нивната финансиска моќ е многу мала за да имаат влијание врз овој сектор или, пак, да им претставуваат конкуренција на банките – вели поранешниот гувернер Љубе Трпевски.
По иницијатива од Организацијата за заштита на потрошувачите на
Македонија, се направија промени во Законот за заштита на потрошувачите,
при што заедно со Министерството за финансии се промени долната
граница, која се однесува на потрошувачките кредити со што беа опфатени и
брзите кредити од под 200 евра.
– Дејствувањето во финансискиот сектор во наредниот период ќе ни
претставува приоритет затоа што е потребно потрошувачите да имаат на
располагање битни информации во поглед на финансиските услуги, пред да
се одлучат да ги користат. Од искуството со брзите кредити, овие
информации недостигаа и имаше доста реклами, кои укажуваа на
спротивставеност со Законот за заштита на потрошувачите, во договорите
за потрошувачки кредити, па дури имаше примена и на нечесна деловна
практика. Затоа баравме ова да се регулира соодветно, односно со
споменатиот закон да бидат опфатени и брзите кредити, кои вообичаено беа
под 200 евра. Оваа година немавме голем број јавувања за ваквите
кредити, но тоа не значи дека потрошувачите се задоволни, едноставно
треба повеќе да се дејствува за граѓаните да нѐ известуваат за
проблемите со кои се соочиле при користењето на овие услуги – велат
претставниците на ОПМ.
Оттаму додаваат дека овие фирми, односно финансиските друштва, се под
мониторинг на Министерството за финансии и договорите што ги склучуваат
со потрошувачите треба да бидат мониторирани од страна на
министерството. Оттаму објаснуваат дека тие договори треба да подлежат
на соодветни измени, доколку имаат одредби што не се чесни или го
доведуваат потрошувачот во заблуда.
– Рекламите треба да се приспособат за да не ги доведуваат потрошувачите во заблуда – истакнуваат од организацијата.
Народната банка не врши контрола врз овие финансиски друштва, туку
само врз банките и штедилниците, но сепак, гувернерката Анита Ангеловска
Бежоска, во едно од своите интервјуа, посочи дека речиси во сите
европски земји, освен банките, постојат и низа други финансиски
институции што се активни на кредитниот пазар.
– Некои од нив се финансираат со прибирање депозити, други од свои
извори на финансирање, како што е случајот со домашните финансиски
друштва. Процесот на усогласување на нашата регулатива во доменот на
финансискиот систем со европските прописи неминовно ќе создаде простор,
во натамошниот период кај нас да се јават и други, за нашата популација
нови алтернативни финансиски институции, кои ќе бидат фокусирани не само
на кредитирањето туку и на други деловни линии, како на пример
платежните услуги. Сепак, иако првичниот впечаток е дека кај нас,
давателите на брзи кредити се во подем, нивното учество на пазарот
засега е многу мало – објасни гувернерката.