Грција ќе прима туристи летово, но може да им бара корона-тест пред да влезат

Патниците ќе бидат добредојдени да ја посетат Грција ова лето, но правилата за социјално дистанцирање ќе останат во сила за да се заштитат луѓето од коронавирусот, изјави грчкиот министер за туризам Хари Теохарис за Би-би-си радио.
„Ние сакаме луѓето да дојдат во Грција“, рече тој. „Секако дека ќе преземеме мерки на претпазливост во однос на барањата пред патувањето, но и во однос на начинот на кој патуваме, начинот на кој престојуваме. Ќе се применуваат правилата за социјално дистанцирање“.
Теохарис рече дека Грција прима туристи „повеќе од 50 години“ и „сакаме да продолжиме да го покажуваме гостопримството по кое сме многу познати“.
Тој додаде дека туристите треба да се чувствуваат безбедно во Грција бидејќи земјата ќе преземе строги мерки на претпазливост.
„Грција е безбедна земја и во многу случаи многу побезбедна – жал ми е што го велам ова – од вашата земја“, рече тој за Би-би-си, јавен радиодифузер на Велика Британија.
Теохарис рече дека се надева дека „здравствената технологија“ ќе биде понапредна во моментот кога ќе почне летната сезона, за да се овозможи побезбедно патничко искуство.
„Многу е веројатно дека ќе имаме некои услови пред патувањето“, рече тој во однос на можноста дека патниците ќе треба да направат тест на коронавирус пред да им биде дозволено да влезат во Грција.