Главниот лекар во болницата во Омск тврди: Не се пронајдени отрови во телото на Навални
Тој се повикува на токсиколошките анализи на супстанциите пронајдени во телото на рускиот опозициски лидер, за кои тврди дека се негативни
Главниот доктор на болницата во Омск, Александар Мураховски, предмалку ги негираше тврдењата дека супстанцијата пронајдена во телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, наводно била опасна по неговиот живот и околината, наведувајќи дека сите анализи досега се негативни.
„Јас во мојата работа се водам од службените документи. Тие службени документи што пристигнаа од нашата хемиско-токсиколошка лабораторија, опсегот на супстанции што веќе ги проверил апаратот, сите покажуваат негативни резултати“,
изјави Мураховски пред новинарите, додавајќи дека не може да каже кои супстанции биле проверувани, пренесоа руските медиуми.
Мураховски изјави дека Навални се уште е во кома и на вештачко дишење, како и дека транспортот на пациентот не е можен дури и доколку семејството Навални ја преземе одговорноста за тоа, бидејќи неговата здравствена состојба е нестабилна.
Заменик-главниот лекар на болницата, Анатолиј Каљникенко, исто така, потврди дека не е пронајден отров во телото на Навални за време на тестирањето и дека лекарите веруваат дека тој не е отруен.
Тој рече дека и кога ќе биде утврдена неговата дијагноза, таа нема да биде споделена во јавноста, туку за неа ќе ги информираат неговата сопруга и братот.
Претходно денеска, директорот на Антикорупцискиот фонд, чиј основач е Навални, Иван Жданов, повикувајќи се на сообраќајната полиција, кажа дека во телото на Навални пронашле опасна материја, што не претставува опасност само за него, туку и за неговата околина.
Во меѓувреме, авион за итни медицински потреби полета од Германија за Русија за да го транспортира Навални во Берлин на лечење, иако руските лекари сметаат дека тоа не е возможно поради неговата состојба.