Возачот на камионот во Британија, обвинет за убиство на 39 луѓе
Возачот на камионот со приколка-ладилник во која во Англија беа пронајдени 39 мртви тела е обвинет за 39 убиства, јави Би-би-си.
Станува збор за Морис Робинсон, 25-годишен возач од Северна Ирска, кој беше уапсен веднаш по пронаоѓањето на телата.
Тој исто така е обвинет за организиран шверц на луѓе, организирање на нелегална имиграција и перење пари.
Инспекторите потврдија дека приколката за камионот, пристигнала во англиското пристаниште Пурфлит околу 00:30 часот. Таму била прикачена на камионот управуван од Морис Робинсон. Камионот со приколката го напуштил пристаништето околу 1:05 часот и се движел само пет минути до дестинацијата во индустриската зона, на оддалеченост од три километри.
Робинсон само пет минути управувал со камионот, а едно од прашањата што истражителите сигурно ги анализирале во истрагата е зошто тој дошол дури Северна Ирска во Англија за да транспортира приколка на растојание од само три километри.
Може да се претпостави дека истражителите откриле доволно сомнителни работи кои го поврзуваат Робинсон со трговија со луѓе, која во овој случај заврши со трагедија.
Главниот инспектор, Мартин Пасмор, денеска го остави отворено прашањето за националноста на жртвите, но има се повеќе сомнежи дека станува збор за луѓе од Виетнам.
Осум жени и 31 маж беа пронајдени мртви во приколката на камионот паркиран во индустриска зона во Есекс.
Во рамките на истрагата, денеска е уапсено и петто лице кое се поврзува со смртта на 39 луѓе.