Владата донесе 26 мерки и препораки: Ваучери за храна, без ДДВ за основни производи, намалени акцизи за горива
Дваесет и шесте мерки и препораки се поделени во две групи: првата се однесува на заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите, а втората група е за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка
Нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи како што се лебот, шеќерот, брашното оризот и јајцата, ваучери од по 1 000 денари во период од три месеци за најранливите категории да си купуваат храна, но и намалени акцизи за дел од горивата, како и помало ДДВ од 18 отсто на 10 проценти при промет на енергенти…
Ова се дел од пакетот мерки што Владата ги донесе на денешната седница. Пакетот се состои од вкупно 26 мерки и препораки, со кои власта сака да ја ублажи кризата која е резултат на пандемијата, но и на воената агресија на Русија врз Украина. Меѓу препораките се и рационално да се трошат енергентите, а Регулаторната комисија на дневно ниво да ги усогласува цените за горивата.
„Усвоивме пакет мерки за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Во услови на пост пандемија, се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и енергентите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние денес и сега“,
рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција попладнево во Владата.
Овој пакет, според премиерот, тежи 400 милиони евра, а за дел од мерките, како тие за акцизите и ДДВ, ќе бидат потребни и законски измени. Тие, според него, веднаш ќе бидат пратени во Собранието и тој очекува поддршка од пратениците.
„Сите пратеници, без исклучок од која политичка партија доаѓаат, имаат одговорност и обврска пред граѓаните што ги избрале и пред сите граѓаните во државата“,
рече Ковачевски.
Дваесет и шесте мерки и препораки се поделени во две групи: првата се однесува на заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите, а втората група е за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Во продолжение го пренесуваме целиот пакет од 26 мерки и препораки кои ги презентира Ковачевски денеска.
Прва група: Мерки за заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите
1. Намалување на повластената стапна за ДДВ за основните производи за храна од 5 на 0 отсто
Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се: леб; шеќер; брашно тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко; свежо месо; ориз и јајца.
2. Замрзнување на маржите на основните производи за исхрана
Со оваа мерка, вели премиерот Ковачевски, ќе се спречи создавање голем профит, а ќе се влијае и на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
3. Ваучери за основни производи од по 1 000 денари месечно за период 3 месеци за 35 000 граѓани од најранливите категории
4. Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји
5. Пролонгирање на примената на повластената даночна стапка од пет отсто за прометот со електрична енергија кон домаќинствата
Со ова, според премиерот, се ублажува ценовниот удар од растечката цена на струјата на светските берзи и се штити животниот стандард на граѓаните. Оваа повластена даночна стапка ќе важи до крајот 2022 година.
6. Препорака за менување на методологијата за утврдување цена за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија
Очекувањата на Владата се ваква нова методологија да овозможи пониска цена за струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.
7. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија
Оваа мерка вклучува субвенции за потрошувачка на енергија за сите домаќинства – корисници на електрична енергија.
8. Субвенции за пензионерите од 1 000 денари месечно за период од 3 месеци
Оваа мерка произлезе од социјалниот дијалог на Владата со Сојузот на пензионери, со кој беше договорена и нова методологија.
9. Продолжување на субвенционирањето на целата на електричната енергија за регулираниот пазар (за домаќинствата и малите потрошувачи)
И ова, според очекувањата на Владата, ќе се заштитат граѓаните од ценовен шок, а мерката ќе биде активна до јуни 2022 година.
10. Субвенционирање на цената за топлинска енергија
Оваа мерка веќе е позната и таа, според Ковачевски, ќе овозможи квалитетно и континуирано снабдување со парно за жителите на Скопје.
11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии
Ова, рече Ковачевски, ќе овозможи да се намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор, а ќе се подобри и нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.
12. Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година
Парите од оваа програма во вкупен износ од 33 милиони денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата на градба на која имаат право на сопственост или користење.
13. Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа
Ова значи дека Владата ѝ препорачува на Регулаторната комисијата цените на горивата да ги менува на дневна основа, барем додека трае кризата е цените за да се избегнат големи ценовни промени.
14. Пролонгирање на воведувањето на еколошката такса за енергентите
Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, рече премиерот, Владата ќе го пролонгира воведувањето на овие такси кои сега се во собраниска процедура.
15. Намалување на стапката на ДДВ од 18 % на 10 % при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан
Целта е со оваа мерка да се заштити куповната моќ на крајните потрошувачи – граѓаните и земјоделците кои купуваат во мал обем. Со ова, рече Ковачевски, практично се намалува цената на енергентите за граѓаните
16. Намалување на акцизата врз основа на берзанските цени
„Намалување на акцизата за 1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, на гасното масло како погонско гориво – дизел и на гасното масло како гориво за греење – екстра лесно масло за греење, во случај средната дневна берзанска цена за предметните енергенти на котација Mediterraneans Cargoes Fob Italy од Platts European Marketscan да е повисока од 800 американски долари за тон, но пониска или еднаква на 1 000 долари за тон односно повисока од 1 000 долари за тон, но пониска или еднаква на 1 200 долари за тон, односно да е повисока од 1 200 долари за тон“,
рече Ковачевски.
Премиерот вели оти оваа мерка ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти и тоа за околу 1,2 денар односно 2,3 односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намалениот износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
„Би се примениле акцизи за 2 денари. Дизелот наместо 85,5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари“,
рече Ковачевски.
17. Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување
18. Препорака општините да го реорганизираат јавниот превоз за да биде достапен во корист на сите граѓани
Целта е граѓаните да имаат поефикасен транспорт за да може да заштедат, рече Ковачевски.
Втора група мерки: Финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка
19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година
Оваа мерка, според Ковачевски, ќе ја поддржи ликвидноста на деловните субјекти со тоа што државата ќе ја субвенционира каматната стапка.
20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната банка на компаниите
Владата очекува ова да ја подобри ликвидноста со оглед дека станува збор за исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови, а заради зголемените трошоци за електрична енергија.
21. Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства
Мерката ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите, рече Ковачевски, при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2 % до 4 % годишно, а крајните корисници ќе ги користат безкаматен трошок.
22. Користење на Гарантниот фонд при Развојната банка
Ова значи дека ќе се издаваат портфолио-гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање.
„И тоа кај портфолио гаранциите. Гарантирање до 50 проценти од кредитот доколку се работи за кредит за основни средства, односно до 80 проценти доколку се работи за кредити за обртни средства и кај индивидуални гаранции гарантирање до 50 проценти од износот на кредитот“,
објасни премиерот.
23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија
Ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1,6 %.
24. Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција
25. Зелено финансирање преку ЕБОР, Програмата на Обединетите нации за развој и комерцијалните банки
Ова треба да обезбеди пристап до зеленото финансирање на малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи избори на енергија и решенија за енергетска ефикасност
26. Препорака за штедење и рационално користење на електричната енергија и енергентите.