МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Бугарија ќе го користи и краткото име на државава, во најава и авионска линија Скопје-Софија

Прегратки, насмевки, срдечни ракувања – во ваква атмосфера, на вториот ден како прв човек на Владата, Димитар Ковачевски го пречека бугарскиот колега Кирил Петков, кому пак патувањето до Скопје е прва официјална посета во странство. Во знак на добра волја, паднаа и првите отстапки. Софија веќе нема да се плаши од територијални претензии и ја прифаќа кратенката на уставното име – Северна Македонија. Македонските власти испратиле нота до ООН дека кратенката и целосното име се со еднакво значење.

„Јас вчера го следев интервјуто на мојот драг колега Кирил на една од нашите национални телевизии, каде што тој мораше да се концентрира да каже „Република Северна Македонија“, односно да го искористи долгото име, доколку денеска има интервју тоа не мора да го прави“, изјави Ковачевски.

„Јас многу благодарам за нотата испратена денеска и се радувам што спокојно можам да кажам „Северна Македонија“, рече Петков.

Двајцата премиери оценија дека ова е првиот чекор во новото поглавје меѓу двете земји. Ковачевски и Петков акцентот го ставија на економијата, додавајќи дека отсега добрососедството ќе се мери со реални резултати, а не преку политички изјави. Тие најавија дека за два месеца, преку авионска линија од Скопје до Софија ќе се патува за 20 минути, дека наскоро ќе се отвори граничниот премин Клепало, но од друга страна не стана збор кога Македонија ќе може да се понадева на деблокада во евроинтеграциите.

„Моите први работни денови како премиер во македонската Влада ги почнувам со едно од најважните прашања за Северна Македонија, а тоа е создавање услови за брз напредок во нашите европски интеграции. Во двете земји има нови Влади. Со колегата Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме новата енергија“, рече Ковачевски.

„Резултатите коишто сите вие ќе ги гледате ќе доаѓаат на неделна основа и се надевам дека тоа за што секоја од двете земји се надева дека ќе се случи, на крајот ќе го имаме како резултат во најскоро време“, рече Петков.

Двајцата кажаа дека наредниот вторник во Софија на заедничка меѓувладина конференција ќе ги формираат најавуваните работни групи кои ќе се занимаваат со конкретните отворени прашања меѓу двете земји.

На крајот од прес конференцијата, Ковачевски доби подарок од бугарска новинарка.

„Во знак дека доверба дека Вие ќе го зачувате нашето единство, меѓу Бугарија и Северна Македонија“, рече Илијана Беновска – новинарка од Бугарија.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial