Британски таблоид: Џонсон кажал дека порадо би оставил да се трупаат мртви отколку да воведе нова блокада
Британскиот министер за одбрана ги отфрли медиумските извештаи дека премиерот Борис Џонсон изјавил дека порадо би сакал да види „да се трупаат илјадници тела” отколку да нареди трет општ карантин на државно ниво.
Џонсон се соочува со низа обвинувања во медиумите, од лошото првично управување со пандемијата на коронавирусот до прашањето за тоа кој го финансирал реновирањето на неговата официјална резиденција, пишува Ројтерс.
Дејли меил, повикувајќи се на неименувани извори, напиша дека британскиот премиер во октомври, кратко време откако се согласил на втор општ карантин, на состанок во Даунинг стрит кажал дека „не сака повеќе е**но затворање, порадо нека се трупаат илјадници тела“.
Министерот за одбрана Бен Валас за Скај њуз изјави дека тоа не е вистина и дека „буквално сите тоа го отфрлиле“, додавајќи дека Џонсон е фокусиран на одговорот на пандемијата.
„Влеговме во еден вид комичен период со сите овие озборувања. Знаете, неименувани извори на неименувани советници зборуваат за неименувани настани. Ништо од ова не е сериозно“, нагласи Валас.
Велика Британија има петти најголем број на смртни случаи од ковид-19 во светот, 127.681, зад САД, Бразил, Мексико и Индија, покажуваат податоците на американскиот универзитет Џон Хопкинс.
Џонсон нареди трета општа блокада во јануари, иако некои критичари велат дека тоа можело да се избегне доколку претходно попуштил под притисокот на некои министри кои барале построг втор карантин.
Противниците на Џонсон исто така тврдат дека тој премногу бавно реагирал на ширењето на вирусот, загрозувајќи ја стратегијата на владата да се бори против ковид-19 со одложување на мерките за затворање во клучни моменти.
Џонсон ги отфрли повиците за истрага на управувањето во пандемијата, а неговиот министер вели дека иако не сториле сè како што требало, носеле одлуки навремено и дека Велика Британија има една од најдобрите програми за вакцинација во светот.
Откако Даунинг стрит објави дека поранешниот главен советник на Џонсон, Доминик Камингс е изворот на протекување на информации за премиерот, Камингс во петокот ги отфрли овие тврдења и го прогласи својот поранешен шеф за неспособен и без интегритет.
Камингс, архитект на кампањата за излез на Велика Британија од Европската унија, ненадејно го напушти Џонсон кон крајот на минатата година, во време кога беше прогласен за највлијателен советник за брегзит и предизборната кампања во 2019 година.
Камингс рече дека плановите на Џонсон донатори тајно да платат за реновирање на неговата резиденција во Даунинг стрит се „неетички, глупави, потенцијално незаконски и секако спротивни на правилата за објавување на политички донации“.