МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

„Бомба“ во „Монструм“: Јанакиески вели дека рибарот е убиен затоа што бил сведок

Со преслушување на снимени разговори, во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи новото рочиште за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, познато како предмет „Монструм“ на СЈО.

Во тек е преслушување на 25 разговори и 133.000 СМС пораки и други материјали. Првиот пуштен разговор во судницата е снимен на 13 април 2012 година и во него се слуша гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Во него Јанакисеки разговара со извесен Кире Бошков, кој го прашува министерот дали има информација во врска со „убиството на децата“. На тоа Јанакиески вели дека рибарот од Црешево е убиен затоа што најверојатно бил сведок на убиството на момчињата.

Пред почетокот на преслушувањето, обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека разговорите се предадени онака како што ги добиле.

– Не смееме да ги раздвоиме. Како што ни се дадени од (премиерот) Зоран Заев, така ги предадовме, за да не биде дека нешто пропуштаме, истакна Фетаи.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial