Боки 13: Рускоска е адвокат на две мафии во земјава

Околу 143 илјади евра недвижен имот нуди Боки 13, за затворската ќелија да ја замени со куќен притвор. До Апелациониот суд, достави гаранција во недвижен имот – куќата на неговите родители, како и куќата од негов прв братучед, објект кој е поделен на идеална половина. Дополнително како заложба дека нема да бега, до судот понуди и дуќан на мајка му и неколку брендови кои Боки ги заштитил во Заводот за индустриска сопственост, а гласеле на негово име. По повеќе од седум месеци, Бојан Јовановски за прв пат нуди гаранција дека нема да бега.
„За напоменување е дека таа гаранција е дадена од неговите најблиски роднини, од неговата мајка која ја има добиено по пат на наследство и од неговиот неподвижен, повторувам неподвижен братучед кои се сигурни дека обвинетиот нема да се даде во бегство и затоа ја даваат таа гаранција“, рече Сашо Дуковски, Адвокат на Боки 13.
Пред апелациските судии на јавна седница, Боки 13 повторно зборуваше за влошената здравствена состојба и лошите услови во затвор кои не му дозволуваат правилно лекување. Достави медицинска документација, но и резервација од авио-билети и резервираната вила на Миконос со објаснување дека на 15 јули лани не бегал – одел на одмор. Тврдењето на Вилма Русковска дека сакал да пребега во Грција не било точно.
„Русковска е адвокат на две мафии. Нема да кажам кои. За да излезам од притвор бев уценува од Русковска да кажам дека Катица е виновна, дека Фросина Ременски земала пари. Сакала да ја бетонира оти немала докази, а ми беше кажано дека ако не сведочам вака, ќе биде обвинет и мојот татко“, вели Боки 13.
Денеска освен јавна седница во Апелација, требаше да има судење и за „Рекет“. Се одложи оти во судница не се појавија сведоците. Веќе од вторник на предлог на Боки 13 како сведоци треба да дојдат бизнисменот Владимир Тодоровиќ, стилистот Сергеј Варошлија, сопругот на пратеничката Фросина Ременски – Јовче Ременски, како и синот на бизнисменот Цветан Панделевски осомничен во „Империја“, Дејан Панделевски.