Бизнисот револтиран од новите мерки, банките ќе заработуваат и при одложување на кредитите
Бизнисот револтиран од новиот сет мерки на Владата. 17-те мерки ни оддалеку не се она што го барале. Наместо системска поддршка за стопанството, добиле само делумна помош. Од Сојузот на стопански комори велат дека на овој начин не се постигнува крајната цел, а тоа е да се задржат работниците на работа, особено во малите и средни фирми. Бараат поголема финансиска поддршка за исплата на плати.
„Владата да одобри поддршка од 100 отсто од нето платата за следните три месеци, да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните три месеци, правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година, да се стави мораториум на сите казнени камати и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните шест месеци“ – велат од ССК.
Од мерките куртулија единствено административците. Синдикатите задоволни. Над 120 илјади службеници ќе добијат целосни плати без разлика дали оделе или не на работа. Владата не го прифати предлогот на СДСМ за минималец во администрацијата. 14.500 денари ќе добиваат единствено функционерите.
А во период на криза, банките повторно најдоа начин да заработат. Им овозможија на граѓаните одложување на отплатите на рати за кредити во следните 6 месеци, но ќе продолжат да им пресметуваат редовни камати за време на грејс периодот, сума која потоа ќе ја додадат на долгот на граѓаните. Многумина кои првично мислеле да не плаќаат 6 месеци, сега се предомислуваат. Велат не се исплати одложувањето, ако потоа ратите се повисоки. Министерката за финансии тврди дека ова не е прекршок од страна на банките. Таква била праксата и во другите држави.
„Дури и во земјите каде се воведе т.н мораториум на кредитите, каматите комплетно не се бришат или одложуваат или простуваат. Како пример Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија имаат мораториум, но каматите се пресметуваат и се репрограмираат во следниот период. Заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидализираат, туку значи дека цели да ги заштити граѓаните и на долг рок“ – рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
Буџетскиот дефицит може да достигне и до 1,6 милијарда евра. Ангеловска рече дека е можно да се издаде еврообврзница поголема од 500 милиони евра. Владата разработила 3 лоши сценарија. Според првото, приходите во буџетот би биле намалени за 20%, а на државата ќе и требаат дополнителни 700 милиони евра. Според второто, ќе има 30% помалку приходи, а државата ќе треба да одвои 1 милијарда евра. Третото е најпесимистичко и предвидува и до 40% пад на приходите и потреба од дури 1,3 милијарди евра.
Приходите во буџетот паѓаат и до 25% на дневно ниво. Во март, падот на приходите изнесувал 11% ( од приходи од ДДВ минус 17%, од акцизи и данок на добивка 11%).