Бизнисмените не сакаат „Мал Шенген“ туку ЕУ интеграција, Заев вели двете одат заедно
Таканаречениот „Мал шенген“ има за цел да го доближи Западниот Балкан кон Европската унија, а да стане нејзина алтернатива, тврди премиерот Заев. Според него, овој процес е во духот на европската економска агенда и берлинскиот процес, и со него стопанството и економијата ќе добијат засилување.
-Одлучивме да направиме нешто повеќе, да има мир на Балканот, да има меѓусебно почитуваме. Зошто кога имаме вака создадени услови не го направиме тоа? Немаме намера да направиме никаков процес од Европската унија. Нашето место на сите шест земји од Западниот Балкан е без алтернатива во ЕУ, вели премиерот Заев.
Според Заев, Европа ќе не почитува многу повеќе доколку земјите од Западен Балкан генерираат поголем раст на економијата. Вели дека ако се искористат капацитетите кои ги нуди моделот „Мал шенген“, балканските економии ќе можат да се борат со западноевропските.
-Ако го здружиме целиот регион, кога инвеститорот ќе дојде во Куманово, а вели дека наместо 25 инженери има 15 ќе може слободно од целиот регион да бара инженери, да бара квалификувана работна сила. Сето тоа ќе значи дополнителни странски и домашни инвестиции за целиот Западен Балкан, рече Заев.
Побара поддршка од Стопанските комори бидејќи вели дека ова го прават за нив и за стопанството. Но, стопанските комори со резерва ја примија оваа идеја на лидерите на Македонија, Србија и Албанија.
Од Сојузот на стопански комори велат дека „Малиот шенген“ ќе доведе до нова изолација на регионот. Посочуваат дека Македонија досега била сегрегирана во гетото Западен Балкан, а сега, во уште помал формат ќе се изолираме со илузија дека економски би процветале. Потенцираат дека оваа идеја треба да згасне уште пред да се роди.
Во декларацијата која ја потпишаа Заев, албанскиот премиер Рама и српскиот претседател Вучиќ за следниот состанок кој ќе се одржи на 10 ноември во Охрид поканети се и останатите лидери од земјите од Западен Балкан.