Бектеши: Маркетите и продавниците мора да обезбедат редари, казни и до 2 000 евра
Во продавниците, самопослугите, маркетите, пекарите… од денеска мора да има редарска служба, а за непочитување следуваат казни, порача денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, презентирајќи ја Уредбата која беше донесена на владина седница.
„Сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот за да се запази минимум потребното растојание меѓу лицата и да се обезбеди спроведување на дезинфекција на раце при влез во објектот. Исто така трговецот, е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум растојание од 2 метри за чекање во ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот“,
рече Бектеши.
Тој посочи дека за малите и микро трговци е предвидена глоба од 500 до 1 000 евра, додека за средните и големите казната изнесува од 1 000 до 2 000 евра.
„Сметаме дека не е задоцнета мерката имајќи предвид дека одржавме неколку состаноци. Согласно моите сознанија некои веќе почнале да го имплементираат тоа, но имајќи предвид дека се очекува и пикот на ширење на вирусот мислевме дека треба да донесеме уредба со законска сила со која за сите кои даваат услуги ќе има контрола од Државен пазарен инспекторат, но истовремено и граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат“,
рече Бектеши.
Во таа насока министерот порача дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши засилен надзор, а граѓаните ги повика да пријавуваат на телефонскиот број 191.