Бајонтек и Фајзер побараа одобрување на вакцината против ковид за деца
Американската фармацевтска компанија Фајзер и нејзиниот германски партнер Бајонтек побараа вчера од американската регулаторна агенција одобрување за итна употреба на нивната вакцина против ковид-19 и за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.
Таа вакцина засега има одобрение за итна употреба во САД за луѓе од 16 години нагоре. Компаниите вчера соопштија дека побарале проширување на одобрението кај американската Агенција за храна и лекови и за помладата популација.
Уште во март тие компании објавија дека клиничките истражувања покажале дека нивната вакцина е безбедна и ефикасна и создава силни антитела кај адолесцентите на возраст од 12 до 15 години.
Не е познато колку време на регулаторот ќе му треба за да ги разгледа податоците од клиничките истражувања, но директорката на американскиот Центар за контрола на болести Рошел Валенски кажа за Еј-би-си дека очекува вакцината за таа возрасна група да биде одобрено до средината на мај.
Модерна и Џонсон&Џонсон исто така спроведуваат истражувања на своите вакцини против врз деца на возраст од 12 до 18 години, а податоците на Модерна наскоро ќе бидат објавени.
Фајзер и Модерна веќе почнаа истражувања на уште помлади деца, на возраст од шест месеци до 11 години. Двете компании порачаа дека се надеваат дека децата помлади од 11 години ќе може да се вакцинираат на почетокот на 2022.
Вакцинирањето на децата и младите луѓе многу експерти го сметаат за клучен чекор кон постигнувањето имунитет на стадо и сузбивање на пандемијата.
Фајзер и Бајонтек најавија дека во следните денови планираат да побараат и од останатите регулатори низ светот одобрение за користење на нивната вакцина за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.