МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Антикорупциска отвори предмет за продажбата на земјиште во Центар за 7 евра

Антикорупциска ќе проверува како била спроведена приватизацијата на државното земјиште спроти поранешна НИП Нова Македонија за само 7 евра од квадрат.

Оттаму за Канал 5 потврдија дека ќе се чешла целата постапка – како фирмата на бизнисменот и екс пратеник Фатмир Етеми легализирала дивоградба до стекнувањето на право на сопственост на уште една парцела. А по два дена молк, министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за УБ тврдеше дека за приватизацијата на атрактивното земјиште по евтина цена разбрал од медиумите. Иако вели дека цената е дискутабилна сепак признава дека Етеми ја искористил Уредбата од 2011 која и до денеска останала на сила.

-Се работи за постапка за приватизација според Закон за приватизација и Уредба за цените каде одлучува Управата за имотно правни работи како орган. За жал таа Уредба е останата од 2011 и тука констатацијата е дека треба да се менува. Очигледно тоа се користи. Државниот правобранител оценува дали има потреба да реагира или не. Ова треба да се смени, навистина е дискутабилна цена за државно земјиште. Набргу ќе се смени оваа уредба и ова ќе биде последен случај што по оваа цена е дадена. – Фатмир Бесими – Министер за финансии.

Вчера и од СДСМ преку соопштение тврдеа дека цената од 438 денари за метар квадратен е утврдена во Уредбата потпишана од тогашниот премиер Никола Груевски, но не образложија зошто и до денеска не е променета или укината. Од граѓанската иницијатива Шанса за Центар алармираат дека не само што се работи за уште еден случај на отуѓување на државно земјиште по евтина цена, туку и дека парцелата е приватизирана со се улица.

-Ова е еден од случаите на распродажба на необновлив ресурс на општината по багателна цена. Луѓето во зградите кај оваа локација спроти Нова Македонија не биле информирани дека оваа парцела ќе биде приватизирана. Парцелата која е приватизирана, во моментов таму има дел од улица, значи дека направена е постапка на приватизација на улица за да се дооформи градежна парцела и таму да никне објект. – Јасна Белчева Андреевска – Шанса за Центар.

Сега Етеми бара спојување на парцелите, за таму да никне деловен објект, а според негова изјава – станува збор за изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка. Дали О. Центар ќе го прифати барањето засега не откриваат, додека за опозициската ВМРО ДПМНЕ објаснувањата на власта не држат.

-Петта година СДСМ се на власт, ако сметале дека законските решенија не се соодветни, не се добри, а вчера се произнесоа дека не биле соодветни, можеле да извршат измени на законите и да доведат до нивно подобрување. Меѓутоа пет години тие не го сториле тоа. Паралелно Општина Центар можела да го промени ДУП-от на оваа локација, но и тоа не го направиле, така да тие изговори паѓаат во вода. – Синиша Ивановски – ВМРО ДПМНЕ.

Постапката за отуѓување на државното земјиште Етеми ја почнал пред две години. Врз основа на имот на една парцела му било дозволено да се стекне со право на друга парцела, односно Министерството за финансии дозволило приватизацијата на тоа државно земјиште.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial