Азербејџан и Ерменија известуваат за гранатирање на градови и покрај примирјето (ВИДЕО+ФОТО)
Азербејџан ја обвини Ерменија дека ноќеска нападнала големи градови кршејќи го договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах, кој го потпишаа во Москва.
Азербејџанските власти соопштија денеска дека 9 цивили се убиени и повеќе од 30 ранети во ракетниот напад на ерменските вооружени сили на Гања, втор по големина азербејџански град, и погодиле станбена зграда.
Државното обвинителство на Азербејџан соопшти рано утрово дека е гранатиран и градот Мингачевир.
Воени извори од Нагорно- Карабах го демантираат нападот на Гања и соопштија дека војската на таа земја го почитува прекинот на огнот.
Додадоа дека азербејџанските сили во текот на ноќта го гранатирале Степанакерт, главниот град на тој регион и други градови, кршејќи го примирјето.
Повеќедецениските судири на Азербејџан и Ерменија околу Нагорно-Карабах ескалираа пред две недели и однесоа стотина жртви во најголемиот повеќедецениски судир околу Нагорно-карабах од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година.
Нагорно-Карабах е енклава во Азербејџан населена со Ерменци и од војната во првата половина на 90-тите години владата во Баку нема контрола над таа територија.