Finance Think: Владата да ја преиспита одлуката за да спречи отпуштања од работа
Владината одлука, за државна помош да може да аплицираат и фирми кои во корона кризава отпуштаат работници предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Освен реакциите на граѓаните со свој став денеска излезе и Институтот за економски анализи Finance Think. Нивните проценки се дека оваа мерка ќе придонесе за зголемен број на откази за вработените, а најмногу ќе настрадаат работниците кои се со договор на определено време. Од институтот и порачуваат на владата дека овие правила за компаниите кои сакаат помош од државата, мора да се променат.
„Finance Think апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на: пензионирање на работник, смрт на работник, отказ на договорот за вработување од страна на вработениот отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда, престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работa“, велат од „ Finance Think“.
А денеска Министерката за финансии Нина Ангеловска се обиде да објасни дека нејзината изјава била погрешно протолкувана. Ангеловска тврди дека Владата не стимулира откази туку бара начин како да се вратат на работа оние работници кои биле принудно отпуштени поради кризата.
„Доколку фирмите не ги вратат работниците, и имаат намален број на вработени во однос на месец март, тие не може да аплицираат за мерките. Затоа бараме начин како да ги вратиме работниците. И затоа оваа промена е единствено во корист на работниците“, рече Ангеловска.
По изјавата на Ангеловска дека фирмите кои го намалиле бројот на вработени може да добијат државна помош, експресно реагираа од Сојузот на синдикати од каде побараа под итно министерката да си поднесе оставка од функцијата. Синдикалците се гневни и обвинуваат дека владата носи одлуки кои се по нарачка на газдите на фирмите. Револтот е уште поголем бидејќи овој потег на власта е направен пред само неколку дена од први мај, меѓународниот ден на трудот.